Јани Бојаџи објави расказ од дедо му за тоа кој бил Гоце Делчев, на јазикот на кој тој говорел

0
6450

Моето потекло е Кукушко! Од дедо и од прадедо. Од кога знаеме за себе. Јас сум прворедено дете надвор од Кукуш. Таква ми била судбината! Пораснав со приказните за Бај Гоце, како што го ословуваа. Гоце секогаш беше со „Бај“! Јас за Гоце мислев дека е некој старец кој го убиле во некаков бој, некогаш таму во некое турско.

Ме бунеше ликот на споменикот на плоштадот во Струмица. Уште повеќе и оној другиот Гоце – од споменикот во градскиот парк, каде Гоце е во друштво со Андон Ќосев и Струмичкото Бегче. Таму Гоце е млад во лицето. Подоцна, на училиште разбрав дека умрел на триесет и три години! Многу подоцна сфатив дека онаа „бај“ е како „сер“ во англискиот јазик! Ете, со таква почит се зборуваше за него.

И друг пат сум кажал дека не паметем во семејството крштевка, веридба, свадба или погребение кои не завршиле со полупијани мажи на извесна возраст како се расправаат за тоа: кои сте вие Бугарите, а кои сме ние Грците?! И на тие маси се кажувале различни работи, стопати погадни од оние работи кои ги рекоа Денко и денковци! И за Даме и за Јане и Питу и за Карев, ама за Гоце да се каже нешто лошо, е тоа беше веќе ерес! Мислам дека да се збори лошо за Гоце беше поопасно од тоа да се каже „ма“ или „мори“ на баба! За Гоце те отпишуваа како безнадежен случај!

Но во средно училилиште за прв пат слушнав компромитирачки дефиниции за Гоце кои одеа до таму дека бил „обичен посерко“ (имал чир и болен стомак, тоа е вистина) уште и тоа дека бил плашливец кој додека другите гинеле тој си седел во хотел Батенберг во Софија! И дека не кажал ништо од тоа што се зборува за него дека го кажал, вклучително и онаа реченица за „светот како поле за културен натпревар на народите“! Зборуваа дека тоа се измислици кои ги подметнал како негови тогаш од нив омразениот „бугараш“ Блаже Ристевски! И многу други гадости!

Се прашувате, кое се тие? Тоа тие се децата на црвената буржуазија кои беа главните пропагатори за тоа дека Бугарите се мрсници и простаци кои немаат леб што да јадат, а жените им се подаваат за хулахопки и мастики! Многу подоцна, кога заминав во Софија на Академијата и ги земав собраните дела на најголемиот не само Бугарски поет и револуционер Пејо Јаворов го открив вистинскиот Гоце од приказние на моите баби! Се што црвените го продаваа за лага беше вистина. И повеќе од тоа! И никогаш не сум си простил за тоа дека направиле на момент да се посомневам во зборовите на моите стармајки, а да поверувам на најлошите што ова земја некогаш ги родила! Простете ми баби и дедовци!

И секако, кога го истражував митот за Змејот Горјанин во кој се состои и Гоце Делчев и правев интервјуа за тоа кои всушност биле револуционерите, од дедо Мито Морарцелиев го запишав на Кукушки говор, следниот исказ за тоа кој бил Гоце Делчев! Уживајте во еден од најубавите Македонски дијалекти.

ЗА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ НА ЈАЗИКОТ НА КОЈ ТОЈ ГОВОРЕЛ!

„Еееј, Гоце! Еми Гоце бише апустољот. Нељи, така са веље за онија чувек кој носе абер некаков, арен абер шо са веље! Оти и преди и посље Гоце имало е и друзи људи, шо са биљи гуљеми даскаљи на урганизацијата. Некои арни, а некои афиф, шо са веље. И за тија људе са се говориљи разни работи шо са веље, ама за Гоце да се каже нешто лошо, виран шо са веље, јок тава не може да биде бе! И посље ка е бидела таа беља уф Баница, даљече од назе е, там доље Серско чак, уф Кукуш сее чујало на истата вечер оште! И гуљема жал е била! Таква гуљема жал шо са веље, като на коо свој чувек тее поминал! И уф секоо една Кукушка кашта сее жалило три, девет, а негде и до четиријсе дена дури! Јаа! Гоце, еееј Гоце!“

Фејсбук објава на сценаристот и режисер Јани Бојаџи

Коментирај