„Излечете“ ја опседнатоста со мобилните телефони

0
297

Последниве неколку години сведоци сме на голем технолошки напредок во светот на мобилните телефони и слична опрема (таблети, рамки за слики, и слично). Луѓето се навикнаа дури и да спијат со мобилниот в рака, и на тој начин се доведуваат себе и својот живот во фаза на летаргија. Социјализацијата се одвива преку социјалните мрежи наместо во живо.

На инстаграм се споделуваат слики од храна, од нозе на плажа, од бубачките што се прошетале низ домот… Според некои проценки, луѓето се повеќе зависни од мобилните телефони отколку од опијатите.

Дали мислите дека има решение за овој очигледен проблем? Знаете ли дека постојат луѓе што немаат фејсбук, ама ни мобилен телефон затоа што сакаат да живеат едноставен живот како пред дваесетина години? Знаете ли дека ако немате најнов модел на телефон, луѓето околу вас ќе гледаат со чудење во вашиот мобилен?

Заслепени од трендот на нови и нови геџети, забораваме дека имаме нормален живот, луѓе со коишто можеме да се видиме и да поразговараме, да се насмееме и да уживаме без да нè прекинуваат. Па ајде да пробаме да се излекуваме од оваа болест на модерното време. Следниот пат кога ќе излезете од дома, оставете го телефонот зад вас. Веќе знаете каде и во колку треба да се најдете со некого, па немојте да доцните за да не мора да ѕвоните и да се извинувате. Притоа, времето поминато со нив нема да ви биде поминато во гледање во телефонот, туку во разговор, смеење, карање, несогласување, знаете, оние работи заради коишто тие луѓе станале дел од вашиот живот. Обидете се. Што ќе изгубите?

Коментирај