Избрани нови заменици министри во македонската Влада

0
152

Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџад Мехмедовиќ се нови заменици-министри во Владата откако пратениците гласаа попладнево на 110-тата седница која почна вчера.

Во ресорот економија за заменик-министер е избран Колемишевски со 62 пратенички гласа „за“, 13 против и без воздражни. Наумовска ќе биде заменик во Министерството за образование и наука и е изгласана со 63 „за“, 15 против и без воздражни, а Мехмедовиќ, кој ќе биде заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, доби 61 глас „за“, 13 не го поддржаа и немаше воздржани.

Во расправата попладнево опозициските пратеници немаа забелешки за биографиите на предложените за заменици, но сметаат дека го немаат потребното искуство за ресорите во кои ќе бидат одговорни. Не ги критикуваа персоналните решенија, но беа остри во критиките за секторите во кои се назначуваат – образование и економија.

За образованието опозициските од ВМРО-ДПМНЕ како аргумент го имаа отвореното писмо-оставка на претходниот заменик Петар Атанасов кој кога се повлече од функцијата во јуни наведе дека не се остваруваат планираните реформи во образованието. Во реплика премиерот Зоран Заев, како и пред три месеци, повтори дека Атанасов дал оставка зашто не му била исполнета желбата да биде назначен за министер.

На обвинувањата за ниските плати на наставниците и најавата на СОНК за штрајк, Заев одговори дека со зголемувањето од 5 отсто лани и нови 5 проценти од овој септември, платите им се зголемени повеќе отколку во претходните 11 години во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека стои на располагање за разговори со синдикатот и дека го почитува правото на штрајк, но апелираше наставниците да не ги разочаруваат учениците на првиот училишен ден.

Коментирај