Иванов по средбите со лидерите: Мандат ќе добие коалицијата која ќе обезбеди 61 пратеник (ВИДЕО)

0
829

По остварените консултации сакам да известам дека мандат за состав на нова Влада ќе добие партијата или Коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието, со други зборови- прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на нова Влада во согласност со член 90 од Уставот на РМ.

Ова го истакна претседателот Ѓорге Иванов, по консултациите со раководството на БЕСА, ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека што и да се случи, тој ќе постапува во интерес на државата и граѓаните на Македонија.

-Веќе 2 ипол години минуваме низ длабока политичка криза. Неодамна се одржаа и долгоочекуваните избори за кои се надевавме дека ќе дадат излез од ваквата состојба, но наместо конечно да почне да се разрешува, истата влезе во нова фаза. Изминативо период се изнаслушавме разни толкувања на Уставот, секој го толкува онака како што сака или како што му одговара, потенцираше Иванов.

Јас како претседател, додаде тој, дадов заклетва дека ќе го почитувам Уставот и законите, а Уставот ја одразува нашата автентична македонска реалност.

-Не само што не може да се толкува според нечии партиски желби и интереси, туку според Уставот се мери и се друго. Членот 90 е јасен- претседателот на РМ е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Влада да го довери на кандидат на партија, односно партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Го искористив уставното право и обврска, водејќи се од Уставот и по извршените консултации на 9 јануари 2017 година, мандатот му го доделив на Никола Груевски, со тоа го испочитував Уставот и останав доследен и на досегашната практика.

Тој нагласи дека решил да направи консултации со надлежни институции и политички партии, чија цел, е вели, да ги сподели неговите видувања, да ги слушне размислувањата и ставовите на соговорниците, не само за приоритетите и државните интереси, туку и за излез, не само од политичката, туку и од она што, како што истакна, се повеќе наликува на уставна и институционална криза.

Иванов ги искажа и очекувањата од оние што ќе формираат влада.

Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.

За време на консултациите, додаде, се разговарало за сите можности и варијанти во случај никој да не може да обезбеди мнозинство во Собранието, при што нагласи, сите опции остануваат отворени.

– Но, што и да се случи, ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија. Кога ја презедов функцијата Претседател на Република Македонија, дадов свечена изјава пред граѓаните дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Од таа моја заклетва не мислам да отстапам ниту сега, рече вечерва во обраќањето претседателот Иванов по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Коментирај