Иванов по средбата со Туск: Мојот став за доделување мандат останува непроменет

0
1180

Мојот став останува непроменет. Правната и политичката пречка мора да се отстранат. Целта на двата услова е новата влада да не биде оспорена од ниту една страна и по ниту една основа. Мојата одлука е превентивна, за да спречиме штетни последици со кои би се соочиле. Уценета Влада е нестабилна Влада со краток рок на траење и штетни последици, рече претседателот Ѓорге Иванов по денешната средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во „Вила Водно“.

Иванов посчи дека детално го запознал Туск со неговите уставни овластувања како претседател на Република Македонија како и со воспоставената практика од 1992 година за определување на мандатаор за составување на новата влада.

Потсети и дека Европската Унија е гарант на само два договори – Охридскиот рамковен договор и Договорот од 2015 година.

Оттука, императив за партиските лидери треба да биде спроведување на итните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на постизборна платформа креирана во туѓи држави, рече претседателот Иванов.

Оцени дека со платформата се загрозува независноста на државата, се условува постигнување на парламентарно мнозинство, се уценува составот на нова влада, и, како што рече, се нарушуваат добрососедските односи со директно мешање во внатрешните работи во Македонија, се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните со прашања кои се надвор од Рамковниот договор, се бара промена на Уставот.

Затоа, на Република Македонија ѝ се потребни европски реформи, а не туѓи платформи. Како држава мора да се фокусираме на европските реформи. Само реформите ќе ни помогнат да го искорениме коренот на политичките кризи. Но, тоа не е само наш предизвик, туку и на добар дел од регионот. Затоа, сметам дека Европската Унија треба да најде начин да ги отвори 23-то и 24-то поглавје за правосудството, основните права, правдата, слободата и безбедноста, и тоа за сите земји кандидати и потенцијални кандидати од регионот. А за да се спречи блокирање на процесите, Европската Унија треба да најде начин процесот на пристапување да не се злоупотребува за уцена при решавањето на билатерални прашања. Блокадата на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија мора да прекине, час поскоро, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Коментирај