Иванов од Париз: Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода

0
352

Претседателот Ѓорге Иванов во синоќешното обраќање на Парискиот мировен форум зборуваше за Школата за млади лидери што се организира девет години по негова иницијатива, истакнувајќи дека таа може да се користи како модел за промена на доминантната образовна парадигма, која треба да биде ориентирана кон решенија.

Тој рече дека со оваа школа е создаден препознатлив модел што инспирираше и други актуелни и поранешни шефови на држави да започнат свои лидерски школи.

„Мојата порака до вас, лидерите на денешницата е: Не гледајте до следните избори, туку до следните генерации. Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода, нов тренд. За вакви идеи не треба да се бараат авторски права. Ова е многу потребно во секое општество“, рече претседателот Иванов.

Во своето обраќање на Парискиот мировен форум, претседателот Иванов рече дека досега на Школата за млади лидери учествувале над 350 млади луѓе од Македонија и светот, кои биле обучувани од над 200 врвни лидери од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.

Бројни млади лидери од претходните генерации, рече претседателот Иванов, веќе почнаа да заземаат одговорни лидерски позиции во различни општествени сфери и да стануваат позитивен пример за другите. Тоа, според претседателот Иванов, се млади луѓе кои своите погледи ги насочуваат кон иднината, кои размислуваат за иднината и кои сакаат да ја достигнат иднината, не само за себе, туку за што повеќе луѓе во општеството.

„Благодарение на сево ова, Светскиот форум на бизнис-ангели ја прогласи Школата за млади лидери за најдобар социјално-одговорен проект во Европа за 2017 година“, рече претседателот Иванов и додаде дека реализацијата на проектот е целосно финансирана од приватниот сектор од Република Македонија, но и од глобалните брендови.

Иванов, на покана на францускиот претседател Макрон, вчера присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна, што се одржа пред Триумфалната капија во Париз.

Извор:republika.mk

Коментирај