Историја на Светското првенство: Мистериозната повреда на Роналдо и „згаснувањето“ на Бразил во 1998

0
72

Од 14 јуни до 15 јули не очекува новото величање и уживање во најдоброто од светскиот репрезентативен фудбал, во рамки на Светското фудбалско првенство кое ќе се одржи во Русија. По тој повод, пред почетокот на истото, ретроспективно ве потсетуваме на некои од најитересните моменти и случувања од минатите изданија на Мундијалот.

На ред се случувањата од Светското фудбалско првентво од 1998 година, кое се играше во Франција.

ХРВАТСКА – НАЈГОЛЕМОТО ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА ПРВЕНСТВОТО

„После ручекот одлучив да одам во собата и да одморам малку, а последно на што се сеќавам е дека лежев на креветот. После тоа имав страшни грчеви, а кога ги отворив очите, околу мене беа соиграчите и лекарот Толедо. Никој не сакаше да ми каже што точно се случува. Им реков да ме остават на мира, да одат да прават муабет на друго место и да ме остават да спијам. Леонардо тогаш ме повика да се прошетаме низ хотелската градина и да ми ја објасни цела ситуација. Ми рекоа дека би било подобро да не играм на финалето“, неодамна се потсети некогашната светска фудбалска легенда и најдобар фудбалер на светот, Роналдо, на случувањата пред славното мундијалско финале во 1998 година, на кое неговиот Бразил беше декласиран од домаќините, Франција, со убедливи 3:0.

Но, да почнеме со ред. Таа 1998 година прв пат на првенството се појавија 32 репрезентации и Мундијалот стана најзначаен спортски настан во светот. Натпреварите во Франција се изгледани вкупно 36 милијарди пати, а само финалето го гледаше третина од светската популација, односно над 2 милијарди луѓе.

Прв пат репрезентациите беа „принудени“ да патуваат, бидејќи секој стадион беше наменет за натпревари од повисоко ниво, а беше воведено и правилото „златен гол“ со кое победник е оној тим кој прв во продолженијата ќе постигне гол.

Сите фаворити ја минаа групната фаза, па во осминафиналето се најде кремот на светскиот фудбал во тоа време. Финалистот Бразил во групната фаза изгуби од Норвешка, Италијаните стандардно, многу се мачеа, Французите беа одлични, како и Аргентинците, додека Германија со доста среќа го зазеде првото место пред Југославија.

Репрезентацијата на Хрватска беше најголемото изненадување на овој светски фудбалски самит. После слабата игра против Јапнија и Јамајка, Хрватите ги победија Романија и Германија, и беа запрени во својот победнички поход дури во полуфиналето од страна на Лилијан Турам. Приказната за одличната селекција на Хрватска, предводена од Мирослав Ќиро Блажевиќ, беше крунисана со победа во натпреварот за трето место. Интересен куриозитет е податокот дека актуелниот селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина, Роберт Просинечки, стана единствениот фудбалер кој на светските првенства постигнал голови за две репрезентации – во 1990 година за Југославија против Обединетите Арапски Емирати, во 1998 за Хрватска против Јамајка.

ФРАНЦУЗИТЕ ВО ФИНАЛЕТО ЕДНОСТАВНО НЕМАА ПРОТИВНИК

Германците стигнаа само до четвртфинале, но Лотар Матеус стана рекордер по број на натпревари одиграни на завршниците од Светското првенство. Од останатите интересни случувања се издвојува постигнатиот гол на Данецот Ебе Сандпосле само 16 секунди од влегување во игра, како и вториот црвен картон на Ригоберто Сонг од Камерун на првенствата (првиот го доби во 1994).

Првенството го собори рекордот по број на црвени картони (22), а Марсел Десаи стана третиот играч во историјата на Светското првенство кој беше исклучен во финалето. Аргентина уште еднаш со спектакуларен гол од пенал ја победи Англија, а Дејвид Бекам стана втор играч од својата земја кој на Светското првенство заработи исклучување.

Најмлад повикан играч на тоа првенство беше Камерунецот Самуел Ето, кој тогаш имаше 17 години и три месеци, ги гледавме бравурозните потези на Заморано и Салас, а Нигеријците не освоија со нивниот шарм, храброст и посветеност во играта. Најдобар стрелец на првенството беше Хрватот Давор Шукер со шест постигнати гола. Габриел Батистута од Аргентина и Кристиан Виери од Италија постигнаа по пет гола, додека Мексиканецот Луис Хернандез, Чилеанецот Марсело Салас и Бразилецот Роналдо по четири.

Французите во осминафиналето постигнаа еден гол во продолженијата, а во четвртфиналето со гол од пенал ги елиминираа Италијаните. Од друга страна, Бразил во првите две кола од нокаут фазата постигна седум гола, додека во полуфиналето против Холандија играа продолженија и дури после четвртата серија од изведувањето пенали се пласираа во финале. Таму ги чекаа Французите кои ја победија Хрватска, а финалето на Стад де Франс беше најавено како вистински спектакл.

Домашната репрезентација на Франција ја освои титулата светски првак, со што по шести пат во историјата на светското првенство домаќинот ја освои престижната титула, а прашање е дали ќе беше така ако ФИФА поригорозно го казнеше Зинедин Зидан. Имено, фудбалската легенда Зидан беше исклучен во дуелот против Саудиска Арабија, но за срамниот потег со кој го згазна противничкиот играч не беше престрого казнет, па се врати во редовите на репрезентацијата и го реши финалниот дуел.

Финалето го следеше и мистериозната приказна за Роналдо. Најдобриот Бразилец не беше дел од првот состав за финалето, поради здравствени проблеми. Потоа се појави во тимот, но на терен беше само формално присутен.

„Лекарите ме прегледаа темелно и сите тестови покажаа дека не ми е ништо. Изгледаше како ништо да не се случило. По доаѓањето на стадионот Загало ми кажа дека нема да играм на финалето, а јас во раце ги имав лекарските наоди според кои тимскиот лекар Толедо ми даде зелено светло за играње. Појдов кај селекторот со нив и му реков: Добро сум, не чувствувам никакви последици. Еве ги наодите, добри се и сакам да играм“. Едноставно не му дадов алтернатива, немаше избор и ме пушти да играм. И така беше, играв, но можеби таа моја страшна сцена со грчевите, сепак влијаеше врз целиот тим. Не е тоа нешто што се гледа секој ден“, раскажува легендарниот фудбалер.

Екипата која ја водеше Еме Жаке играше одличен фудбал, но тоа не беше пресудно. Во финалето Французите едноставно немаа противник на теренот. Зидан со два гола со глава им донесе доволно голема предност на домаќините, а Пети во финишот со погодок само го потврди фактот колку во таа јулска вечер четирикратните фудбалски прваци на светот беа инфериорни. Милион луѓе ја славеа победата на Франција, а Жаке во историјата на светскиот фудбал ја однесе репрезентацијата во состав: Бартез, Лизаразу, Џоркаеф, Дешам, Десаи, Зидан, Турам, Пети, Лебеф, Карембо, Виеира, Богосјан и останатите.

Извор: Таратур

loading...

Коментирај