Интраетничката поделеност серизно тропа на врата

0
225

Од поделено општество, Македонија сериозно чекори кон длабока интраетничка поделеност, што е чиста спротивност од синтагмата за едно општество за сите. За ваков заклучок не треба многу да се мудрува, зашто тој неминовно произлегува од бројките на претседателските избори како и да се пресметуваат тие. И тука, најмалку има значење постизборното обраќање на професорката Гордана Сиљановска Давкова, во кое, меѓу другото, таа обрна внимание токму на ова. Резултатот е јасен, но  прашање е дали во споредба со резултатот на поразениот тој значи обединување или поделба и власта треба добро да размисли за тоа, ќе забележи, парафразирано, она.

А, бројките се неумоливи. Новиот претседател Стево Пендаровски освои 436.122, а противкандидатот Сиљановска Давкова 377.713 гласови. Или, разликата е 50.000 гласови. И колку и да се инсистира на нив да се гледа чисто граѓански, сепак етничката припадност ни случајно не може да се занемари. Зашто, едноставно, сите медиуми и партии тргнуваат од позиција дека победата на Пендаровски му ја обезбедиле македонските Албанци, односно нивните политички партии, без разлика дали се коалициони партнери од власта или од опозиција. И, ако кон таа разлика со додаде триумфализмот токму на тие партии дека они и само они обезбедиле околу 80.000 гласови за Пендаровски и тие се извадат од крајниот негов резултат, тогаш сликата станува покомплетна. И таа слика или констатација самата по себе говори дека избирачите не се гледаат првенствено како граѓани, туку како припадници на етничка заедница. Што, пак, е далеку и од паролите Заедно напред и Едно општестево за сите, но и од граѓанскиот концепт воопшто.

И кога работите така се поставуваат, тогаш топката неминовно се префрла во дворот на другата, доминантна етничка заедница, македонската. А, тука споредбата на бројките говори, или подобро речено сериозно предупредува на максимална интраетничка поделеност! Зашто, тие 377.000 на Сиљановска Давкова, не затоа што се поголеми од оние, грубо, 350.000 на Пендаровски, туку едноставно не можат да се сведат на некаков македонски национализам, на отсуство на желба за одење напред во НАТО и ЕУ, а уште помалку на интенција за враќање на „режим“, криминал, корупција, заробена држава, партизација, враќање во мрачно минато, и поблиско и подалечно, на гнасен, валкан вмровизам…

Ова од едноставна причина што граѓаните не се ни наивни, ни далтонисти, па не знаат да разликуваат црно од бело и обратно. Напротив! Тие многу добро знаат, гледаат и чувствуваат што се случува и тука најмалку има значење некаква идеолошка припадност или (не)прифаќање на одреден политички концепт. Некои луѓе можеш да ги излажеш, некои можеш некогаш, ама не можеш сите луѓе да ги лажеш секогаш.

Пред почетокот на изборите ако некој, па и од оние најоптимистички расположените и понудеше на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бројка од 377.000 гласови, веројатно раководството бланко ќе прифатеше и потпишеше. Само како потсетување, во 2006 година партијата ја презеде власта со околу 330.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ постигна навистина одличен, а за многумина дури и неочекуван резултат, што повторно целосно ја факторизира. И сега нејзина внатрепартиска работа е да ги направи сите неопходни анализи како понатаму. За неа би било погубно да не научи ништо од лекциите од минатото и во овој момент да си дозволи некои нови панорами. Зашто, повторно за потсетување, главниот проблем меѓу веќе почесните претседатели Георгиевски и Груевски се појавија по претседателските избори во 2004 година. И ако тогаш Груевски успеа да го одбрани четиригодишниот мандат, нема зошто тоа да не го стори сега и Мицкоски. Дотолку повеќе што веќе има во рацете огромен изборен капитал. А, и не случајно периодот меѓу парламентарни избори трае токму четири години. Време доволно за престројување и подготвување за главниот изборен циклус.

Ова само како еден сегмент. Има уште многу, но треба да се споменат барем два. Првиот, ВМРО-ДПМНЕ ни случајно не смее да се залажува со оваа бројка од освоени 377.000 гласови, зашто парламентарните избори се сепак нешто сосема друго и во таа трка учествуваат сите политички партии, што значи дека и колачот се дели на многу повеќе делови. И вториот, темелно преиспитување на односите со партиите од албанскиот блок и на тие со Албанците, и како граѓани и како етничка заедница. Тука нема место за суети и политички надмудрувања, туку само разговори, разговори и чиста политичка прагма. Во духот на новите политички односи и на новите политички услови.

Главната одговорност за надминување на опасноста од длабока интраетничка поделеност е во рацете на власта. Но, власта тоа не ќе може сама да го постигне без опозицијата. Ако однапред ја отфрла или и натаму продолжува да ја сатанизира, криминализира и политички силува, не само таа, туку сите ќе бидеме многу подалеку од целта.

Извор:република.мк

Коментирај