Интервју на Трамп: И други земји ќе заминат од ЕУ

0
305

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, верува дека германската канцеларка Ангела Меркел направила катастрофална грешка со својата политика на отворени порти за мигрантите, со што им беше дозволено на повеќе од милион мигранти да влезат во Германија. Трамп тврди дека неговата врска со Меркел може да прекине откако ја нападна затоа што дозволила мигрантската криза да излезе од контрола. Трамп ја нападна и ЕУ, велејќи дека бриселскиот блок, кој се распаѓа, е машинерија на Германија и сугерира дека и други земји ќе ја следат паметната одлука на Британија за напуштање на Унијата, пренесува „Експрес“.

– Верувам дека и други ќе заминат. Мислам дека држењето заедно нема да биде толку лесно колку што многу луѓе мислат. Ако бегалците продолжат да ја преплавуваат Европа, ќе биде многу тешко таа да се одржи заедно, бидејќи луѓето се бесни поради тоа – порача Трамп во интервјуто за „Тајмс“.

Трамп сè повеќе го величи излегувањето на Британија од ЕУ откако ја нападна ЕУ, сугерирајќи дека таа функционира примарно за да им служи на интересите на Германија.

– Гледате во ЕУ и тоа е Германија. Во основа, тоа е машинерија на Германија. Затоа мислам дека Велика Британија беше паметна што излезе. Верувам во ова: ако земјите од ЕУ не беа принудени да ги примат сите тие бегалци, со сите проблеми што ги наметнува тоа, ќе немаше брегзит – рече Трамп.

Истовремено, Меркел му одговори на Трамп со порака дека судбината на Европа е во рацете на Европејците.

– Европејците својата судбина ја држат во своите раце – нагласи канцеларката.

Трамп вети и дека ќе работи брзо за обезбедување трговски договор со Британија.

– Брегзит ќе заврши како големо нешто. Ќе работиме напорно за да го завршиме брзо и соодветно. Добро за двете страни – рече Трамп.

Овие вести доаѓаат во момент кога амбасадорот на САД во ЕУ, Ентони Гарднер, потврди дека тимот на Трамп ги повикувал лидерите од ЕУ за да дознае која е следната земја што ќе си замине. Прашан за можен договор со Русија, Трамп рече дека нуклеарното оружје треба да биде дел од договорот и да биде намалено, во замена за повлекување на американските санкции. Говорејќи за Блискиот Исток, Трамп ја осуди инвазијата на Ирак во 2003 година како можеби најлошата одлука донесена во историјата на земјата и додаде дека требало да бидат создадени безбедни зони во Сирија за кои би платиле сојузниците на САД од Заливот.

Во интервјуто за германскиот весник „Билд“, Трамп истакна дека можеби ќе ги разгледа рестрикциите за Европејците што сакаат да патуваат во САД.

– Тоа може да се случи, но ќе видиме. Зборуваме за делови од Европа, делови од светот каде што имаме проблеми. Не сакам да ги имам овие проблеми – рече Трамп.

Само пет земји ги плаќаат обврските кон НАТО

Говорејќи за меѓународната безбедност, Трамп нагласи дека одамна кажал оти НАТО има проблеми.

– НАТО е застарена алијанса, затоа што беше направена пред многу, многу години, а проблем е и што земјите не го плаќаат тоа што треба да го плаќаат – рече Трамп.

Тој додаде дека само пет земји го уплаќаат тоа што треба во буџетот на НАТО.

Шефот на германската дипломатија, Франк Волтер-Штајнмаер, истакна дека коментарите на Трамп оти НАТО е застарена организација предизвикуваат загриженост меѓу службениците на алијансата.

Коментирај