Интервју на Страшо Ангеловски: Kрајната цел е да се избрише постоењето на македонскиот народ

0
148

Постои само една константа која ги поврзува обата референдуми, а тоа е позицијата на СДСМ, која и тогаш, а гледаме и денес, е длабоко антимакедонска и во служба на туѓите интереси. Тогаш на договорот Глигоров – Изетбеговиќ, денес на спогодбата Заев – Ципрас, вели Ангеловски во интервју за „Република“

Страшо Ангеловски, лидерот на МААК смета дека секој обид да се стави равенство меѓу референдумот од 8 Септември 1991-та и овој денешниов е сквернавење на третиот македонски Илинден и сквернавење на светите македонски идеали. Во интервју за „Република“ Ангеловски изјавува дека крајна цел е да се избрише постоењето на македонскиот народ.

Според него, ние мораме да бидеме свесни дека 30 септември е само еден ден од процесот кој трае веќе четири години. Тоа е процес на предизборен, изборен и постизборен инжинеринг, на фалсификуван избор на собраниски спикер, а се со цел да се инсталира оваа власт и се да заврши со референдумски инжинеринг кој веќе е во тек.

Заслужена ли е оваа споредба на актуелниот Референдум чијашто кампања е во полн ек, со Референдумот од 1991 на кој што се повикува Зоран Заев?

АНГЕЛОВСКИ: Секој обид да се стави равенство меѓу референдумот од 8 Септември 1991-та и овој денешниов е сквернавење на третиот македонски Илинден и сквернавење на светите македонски идеали. Референдумот од 8 септември беше последниот чин од повеќевековната борба за возобнова на независната, суверена и самостојна држава и беше одраз на национално будење на македонскиот народ. Резултатот од референдумот го оствари вековниот стремеж на македонскиот народ – неговата национална држава.

Денешниот референдум е, пак, последниот чин во бришењето токму на резултатот од референдумот од 91-та, бидејќи во својата суштина, после сите устани измени во минативе 27 години, треба да биде последниот од низата чекори кон бришење на националната држава на македонскиот народ.

Постои само една константа која ги поврзува обата референдуми, а тоа е позицијата на СДСМ, која и тогаш, а гледаме и денес, е длабоко антимакедонска и во служба на туѓите интереси. Тогаш на договорот Глигоров – Изетбеговиќ, денес на спогодбата Заев – Ципрас.

Како ја оценувате содржината на Договорот од Нивици, кој што е главното прашање на Референдумот, кои членови се спорни за МААК?

АНГЕЛОВСКИ: За мене, како и за секој кој работите ги гледа со македонска диоптрија, спогодбата од Преспа е целосно неприфатлива од два аспекта. Прво, технички-правно, спогодбата е потпишана од нелегитимни претставници на македонската држава, бидејќи заради неуставниот, незаконски и фалсификуван избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ, сите натамошни дејствија, вклучително и изборот на оваа Влада, се неуставни и незаконски и не смеат да предизвикуваат правно дејство. Тоа ќе рече, спогодба потпишана од нелегитимна власт, каква и да е, не смее да влезе во сила ниту во домашното, ниту во меѓународното право.

Вториот аспект е содржинскиот. Содржината на спогодбата, според многумина, е штетна за македонскиот народ и македонската држава. Јас велам – уништувачка, бидејќи, штетен договор е оној со кој вие може да претрпите штета, материјална или некоја друга. А,македонскиот народ со овој договор нема да доживее штета,што може да се исправи, туку ќе го доживее сопственото уништување.

Најголемо петно во Договорот се чини дека е договорот за севкупна употреба и преименување на сите институции со исфрлање на македонскиот атрибут, но не помалку критики има за комисијата за ревидирање на историските читанки, вклучително и забраната за користење на македонските топоними во Грција и поделбата на Македонците со наводно различно културно потекло.

АНГЕЛОВСКИ: Станува повеќе од очигледно дека крајната цел на овој договор е да се избрише постоењето на македонскиот народ. Огромната радост со која го прифаќаат сите наши соседи, само ни го потврдува тоа. Во таа смисла, мораме под ист микроскоп да ги ставиме договорите со Атина и со Софија. Во обата договори е предвидено формирање мешовити комисии кои ќе го следат имплементирањето на договореното. Еднострано, само во Република Македонија. Така, членовите на комисијата од Атина, како вистински губернатори, ќе имаат право да определуваат што овде, во Македонија, може да му попречи на договореното. Па, во најцрниот манир на инквизицијата, ќе определуваат кои книги, драми, филмови и песни ќе треба да се запалат, кои гробови да се прекопаат, кои ископини да се запретаат со земја, кои споменици да се урнат… И сето тоа, само за периодот од прапочетоците на македонската античка државност до шестиот, седмиот век на смешната теза за доселување на Словените на Балканот.

Од тогаш, според договорот со Софија, бугарските членови на мешовитата комисија ја преземаат работата во свои раце, па, со истите инквизициски методи, преку тезата за заедничка историја, ќе го бришат македонското постоење се до 1945 – та, или можеби дури 1991- та. И не случајно, ни беше испратена порака дека и во ЕУ ќе се проговори на македонскиот на Блаже Конески, оној кодифицираниот во 45-та, а не, на пример, на јазикот на Мисирков, Прличев, Пулески…

Во политиката сте од пред Референдумот 1991 година, власта е обвинета за злоупотреби, поткуп, но и за заплашување на гласачите по евентуалниот пропаст на Референдумот. Врз Вашето искуство, може ли да се спореди ова со организирањето избори и другите носењата на тешки одлуки во Македонија, како независноста, Рамковниот, Територијалната…

АНГЕЛОВСКИ: Ние мораме да бидеме свесни дека 30 септември е само еден ден од процесот кој трае веќе четири години. Тоа е процес на предизборен, изборен и постизборен инжинеринг, на фалсификуван избор на собраниски спикер, а се со цел да се инсталира оваа власт и се да заврши со референдумски инжинеринг кој веќе е во тек. Ако знаеме дека овој процес започна со објавување на прислушкувани телефонски разговори, тогаш е повеќе од јасно какви се уцени, закани и притисоци постојат. Зашто, во моментот кога во рацете на еден човек, кој и да е, ќе се најдат прислушкувани разговори на стотици највисоки функционери на сегашната опозиција, на членови на сопствената партија, на поранешен претседател на државата, на новинари, судии, бизнисмени и јавни личности, во тој момент, тоа повеќе не е политика, туку отворена закана за целото оштествено уредување. Сето тоа надополнето и со суптилни и помалку суптилни притисоци кон вработените, посебно во државната администрација и, обилно зачинето со притисоците од неолибералните бирократи на таканаречената меѓународна заедница, јасно говори за еден процес кој не бил присутен ниту во Македонија, ниту во која било барем полудемократска држава. Процес кој се заканува Република Македонија како галопирачки канцер да ја разјаде однатре.

Се прават ли притисоци над вас како партија во опозиција за заземање став и агитирање?

АНГЕЛОВСКИ: За волја на вистината, морам да кажам дека до сега врз мене и врз мојата партија нема посериозни притисоци, но, свесен сум дека тоа се должи на конзистентната идеолошка определба на МААК, кој 28 години опстојува на истите ставови за неутрална, демилитаризирана, суверена,самостојна и независна Република Македонија. Притисоците,како што гледаме, повеќе се насочени кон партии и поединци кои низ своето политичко делување умееле да бидат и на едната и на другата страна на македонската политичка сцена. Без цврст став и идеологија. Денес, токму тие партии и поединци се „мекиот стомак“ во кој удираат задолжените за успех на референдумот.

Извор: Република.мк

Коментирај