Интервју на „Лидер” со Солза Грчева: Државата тоне по секоја цена – протестите мора да направат промена

0
566

Поранешната пратеничка на СДСМ која жестоко се спротистави на партиските ставови и стана независен пратеник, а подоцна ја формира и партијата Глас за Македонија, д-р Солза Грчева во интервју за „Економски Лидер” зборува за актуелната политичка состојба и во која насока треба да се движи државата.

Грчева мисли дека Законот за амнестија е закон за пазарање, бидејќи луѓето кои беа наречени терористи, наеднаш станаа носители на европските вредности. Смета дека живееме во монтираните процеси на Сталин и дека Законодавниот дом ја згази правната држава. За да се смени ситуацијата и да се стопира бришењето на македонскиот идентитет, Грчева верува дека протестите кои ќе следуваат против овој насилен процес, против насилното создавање на вештачка држава, збришувањето на идентитетот на македонскиот народ, ќе бидат масовни и истрајни. Таа ги коментира и јавните дебати за уставните измени организирни од страна на Владата и забележа дека ниту еден противник на Договорот за Северна Македонија не беше повикан да дискутира.

Смета дека потребни се итни предвремени парламентарни избори и распуштање на ова Собрание, а претседателскиот кандидат да биде независен или предложен од широк круг на непартиски експерти. На крај додава дека нејзината партија е патриотска со цврсто изразен и непроменет став за нашите национални интереси.

Закон за амнестија или закон за прикривање на вистината? Додека едни се помилуваат, други ќе одговараат. Колку е правичен овој закон?

– Ова е закон за пазарење, закон за насилна промена на Уставот на Република Македонија. Ова претставува целосен морален пад на сите вклучени актери во процесот на помилување. До вчера, луѓето кои беа дел од настаните во Собранието, беа обвинувани со највисоки дела за тероризам, по нив се фрлаа дрва и камења. Наеднаш, некои од нив, како пратениците, станаа носители на “прогресот“ и на Евро-атлантската агенда. Од ова, цинично можам да извлечам заклучок дека најдолниот, најлабилниот, најпоткупливиот слој во општеството е предводник на замислениот “светол“ пат. Целиот процес е воден со огромна корупција (видовме и тендери делени во последната година на сомнителни фирми блиски до уценетите пратеници), ќе се дознаат и сумите или бизнисите на оние за кои нема дела во обвинителството, а сепак решија грубо да ја скршат волјата на народот изразена на минатиот референдум.

Колку според Вас има потреба да се донесе овој закон? Има ли премногу игра и пазарење со оглед дека веќе од понеделник ќе се гласа по брза постапка, имајќи предвид дека судењето е при крај?

– Дали воопшто може да се замисли законот за амнестија да биде пишуван од самите уценети за кои видовме, одбраа самите да се спасат, а да ја закопаат Република Македонија? Во кој правен систем во светот може да се најде ваква пракса? Не, ова е нечесна игра за која даде виза и Хан со изјавата “работите да ги решите на балкански начин“. На балкански начин го решија и “бегството“ на Груевски, на истиот начин од Собранието направија Кванташки пазар. Што се однесува до судењата кои се во тек, и таму исчитувам нарачани изјави од обвинетите, апсурдни конструкции, вперување на прстот кон лица за кои не верувам дека играле улога која тие им ја намениле. Живееме во монтираните процеси на Сталин. Законодавна и судска власт не постојат. Постои “началство“ кое, безумно фокусирано само на една агенда, по секоја основа ја крахира државата и сите системи во неа. Пред се правната држава.

Како пратеник, но и како поранешен член на владејачката партија дали го оправдувате ваквото дејствување во Законодавниот Дом? Дали храмот на демократијата го губи приматот?

– Не само што не го одобрувам, туку силно го осудувам. Знам и верувам, дека и сегашни членови и симпатизери на владејачката партија, се згрозени од газењето на правната држава. Но, долгогодишната партиска дресура која од луѓето прави сива и безлична маса, како и личниот ќар на мнозина, не им дава да истапат и да речат: “Доста е. Правите полошо од она против што се боревте“. Храмот на демократијата, кој за волја на вистината секогаш работел повеќе или помалку под диктат на Владата, сега не го губи само приматот, туку го изгуби паметот и разумот. Голема штета направи и опозицијата која не го напушти Собранието уште при првите евидентни прекршувања кои се случуваа во серија. Ниту пак ги искористи сите деловнички можности за одвлекување на процесот на уставни промени. Тоа дава простор за сомнеж за тоа, која е пак нивната улога во целиов неуставен процес на промена на името. Заклучокот го барам во една моја стара теза уште кога започна Пржино: од уценети политичари, ќе дојдеме до уценета држава.

Македонија веќе подолго време е земја на протести. Пред година и половина тие кулминираа со промена на власта, власт која ветуваше многу, а реализира поинаква агенда. Дали протестите станаа само алатка за да се дојде до фотеља, а потоа наместо државна да се турка тесно-партиска агенда?

– Да не ја потценуваме силата и моќта на протестите. Во секоја држава, гласот на народот ако е силен и истраен, фокусиран кон одредени барања, мора да биде чуен. Не зборувам за фингирани и теледиригирани протести. Да, таквите завршуваат со фотелји и со непринципиелен молк кога се случуваат уште пострашни работи. Но, затоа пак верувам дека протестите кои ќе следуваат против овој насилен процес, против насилното создавање на вештачка држава, збришувањето на идентитетот на македонскиот народ, ќе бидат масовни и истрајни. Тие мора да направат промена, бидејќи се изворни, бидејќи се на страната на правдата.

Власта е фокусирана на Евро-атланската агенда. Дали чекорите кои ги влече Владата се веќе сервирано надворешно сценарио и која е цената која се плаќа за тоа?

– Јасно е дека се изодува секој чекор од утврденото сценарио. На сила, со поткуп, со лаги, со невидена пропаганда. Ги видовме јавните дебати на што личеа. Неколкумина владини прислужници, кои најчесто и не знаеја за што зборуваат, изгруваа демократска дебата. Ниту еден противник на Договорот за Северна Македонија не беше повикан да дискутира. Овие, сакајќи да не убедат дека се сили на прогресот, со секоја постапка не враќаат во темниот среден век. Цената која ќе ја плати нашата држава е ужасно висока. Уште сега имаме отворени закани од соседите за било кое парче историја, за било кој настан, за употреба на “македонски“. Тоа е пред се флагрантно кршење на нашите индивидуални и колективни човекови права. Во преамбулата на Уставот ги немаме веќе одлуките на АСНОМ само поради тоа што АСНОМ јасно го дефинира македонскиот народ како државотворен. Но, затоа пак во темелот на државата се вградува Охридскиот договор, што е јасна патека кон федерализација на државата. Сите договори со соседите се асиметрични на наша штета. Оваа власт, со нејзините соработници, направија огромни штети за чија санација ќе биде потребна силна политичка волја на идните политички сили. И последно, некој кој може да потпише толку штетен договор, ја нема довербата дека нешто друго ќе прави на поинаков, нормален начин. Неспособни за едно, неспособни за се. Државата тоне по секоја основа.

Во мај не очекуваат претседателски избори. Според Вас, дали треба со нив да има и предвремени парламентарни?

– Потребни се итни предвремени парламентарни избори и распуштање на ова Собрание. Но, изборите мора да ги спреми народна влада во која процентуално ќе се партиципира според резултатите од неуспешниот референдум. Ниту техничка влада по Пржински модел, нема да има доверба кај народот. Корумпираните елити од било која страна, не смеат да имаат допир со спремање на избори. А пак без една изборна единица, Македонија ќе се движи секогаш помеѓу два картела кои практично можат да поткупат и фалсификуваат се што ќе им падне под рака. Време е оваа катарза да ја искористиме за голем исчекор.

Каков кандидат треба да биде идниот претседател на Република Македонија? Дали тоа треба да биде консензуално решение, независен или кандидат предложен од експертската фела.

– Според мене, време е за независен кандидат или пак предложен од широк круг на непартиски експерти. Секако дека тоа треба да биде пред се цврста личност, со свои ставови, со морален кредибилитет. Личност која ќе размислува стратешки, а не дневно политички. Такви луѓе имаме. Треба само да им дадеме доверба, без предрасуди дека не доаѓаат од најголемите партии. Во секој случај, идниот претседател ќе биде исправен пред големи предизвици и треба да им е дораснат.

Вие сте претседател на една вон-парламентарна партија. Колку како таков политички актер може да делувата во креирање на македонската историја?

– Може многу, ако партијата не ја дефинираме како нова, туку како различна. Нашата партија, никако не е националистичка во погрдна смисла, е секако патриотска со цврсто изразен и непроменет став за нашите национални интереси. Утре ако дојдеме на власт, со сите сили ќе се бориме да се врати Уставот на Република Македонија, а процесот да продолжи во рамките на Обединетите Нации, каде впрочем и започна злосторот или преседанот под кој е примена нашата држава. Ние во ниту еден момент не покажавме колебање во целиот овој процес. Она што исто така не прави различни е свесноста и решенијата кои ќе ги понудиме за големата сиромаштија во нашата земја, корупцијата која од внатре не изеде, партиските вработувања, без перспективноста на младите, големите привилегии на функционерите, родовите прашања, прашањата на лошо образование и здравство, лошата инфраструктура и енергетика, немоќната дипломатија. Во овој макотрпен процес на решавање на горливите прашања можеме да влеземе само како Глас на народот, а никако не како Глас на корумпираните елити. Имаме знаење, квалитетни и неизвалкани луѓе, и огромна волја да направиме драматични промени во нашето општество кон модернизација и квалитетен живот. Конечно, во новите и сериозни партии како нашата, е иднината после кошмарот од 28 години каде погрешните политики само се рециклираат.

Извор:Лидер.мк

Коментирај