Интервју на „Лидер“ со Димитар Апасиев: Секоја наредна влада ќе има право да го раскине договорот Димитров-Коѕијас!

0
1706

Универзитетскиот професор Димитар Апасиев со своето темелно познавање на правото и својата „Defensor Plebei” филозофија, во периодот пред и по референдумот за промена на името – се наметна како еден од ретко храбрите политичари кои без ракавици на јавноста во Македонија и ја исцртаа суштинската ситуација.

Токму затоа, на само 3 дена од почнувањето на седницата во Собранието со која ќе се менува уставното име, одлучивме да направиме интервју со него во кое на нашите читатели ќе им ја демонстрираме правно- политичката небулоза која во моментов се случува во Македонија.

Апасиев е јасно дефиниран левичар на кој, се чини, воопшто не му е табу да ги застапува политиките на суверенизмот и да застане во одбрана на вољата на граѓаните на Република Македонија искажана на референдумот на 30-ти септември.

„Економски Лидер“ е еден од ретките медиуми во Македонија со јасно дефинирана економски неолиберална и општествено неоконзервативна уредувачка политика, но, во овие критични моменти за Републиката наша одговорност како новинари кои се бават со јавниот интерес е на јавноста да и ги прикажеме ставовите на овој млад професор кој идеолошки се разликува од нашата уредувачка политика за многу прашања, но не и за прашањето на уставните измени.

Во исто време, огромна чест и задоволство ни е што професорот Димитар Апасиев без размислување прифати да разговара со нас по овие прашања. Според него, во овој момент работите можеби изгледаат апатично, но сепак, постои веројатност и покрај поминувањето на уставните измени работите да се вратат по старо, затоа што Виенската конвенција предвидува можност за раскинување на договорот со Грција.

Ја раситнуваме и Новата 2019-та… На самиот почеток од неа, сите очи се вперени кон законодавниот Дом. Седницата на 9-ти јануари пишува историја. Година наназад власта вложи огромен труд за да дојде до посакуваното мнозинство. Според Вас, што ќе се смени ако Македонија си го смени името?

Само да Ве поправам… Власта не вложи чесен труд, туку направи антидржавен криминал! Тоа се најтешки кривични дела против државата опишани во нашиот Кривичен законик. На пример, според објавените тајни извори на Викиликс, постојат основи за сомневање дека Министерот за надворешни работи работел за интересите на странска држава како „заштитен извор“ и притоа сторил кривично дело шпионажа [казниво по чл. 316 од КЗ]. Премиерот, пак, беше пријавен во Основното јавно обвинителство дека го сторил делото загрозување на независноста [по чл. 308]; додека целата актуелна Влада може правно да се обвини за здружување заради вршење на непријателска дејност [чл. 324]. Дополнително, сите 80 пратеници во Собранието на РМ кои – спротивно на волјата на народот изразена на два референдума (задолжителниот од 1991 и консултативниот од 2018) гласаа ЗА пристапување кон промена на Уставот на РМ, а со цел промена на уставното име, во иднина – поточно во наредните дваесет години, колку што изнесува рокот за застареност – нема да можат мирнос да спијат затоа што подлежат на кривично-правен прогон за сторен стек на кривичните дела: саботажа [чл. 315] и организирање отпор [чл. 387].

Во однос на вториот дел од прашањето, доколку противправно се смени уставното име на Републиката, ќе следуваат денови на национална потиштеност и апатија кај народот, кој ќе биде фрустриран од тоа што не успеал да спречи една марионетска и вазалска власт, која е слуга на империјалните интереси на западот, да му направи ненадоместлива штета. Но, сепак, и во такви неповолни историски услови – ситуацијата не е безизлезна, затоа што во правото – уште од времето на Римското прав о па до денес – постои општоважечката максима дека: „Ниедно неправо не може да роди право“, односно дека „Од сопсвеното недело не може да се влече никаква корист“ (Iniuria propria non cadet in beneficium facientis)! Оттука, секоја наредна Влада на РМ, согласно Виенската конвенција за договорно право [1960], ќе има правна можност да го раскине, односно еднострано да го поништи овој екстремно штетен и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Коѕијас и Димитров – и тоа по повеќе правни основи, за кои подетално би говореле во некоја следна прилика. Тука само би спомнал дека според чл. 50 од оваа Конвенција, корупцијата т.е. „подмитувањето на претставник или на претставници на било која договорна страна“ претставува правовалиден основ за поништување на еден веќе склучен меѓународен договор.

За да се притисне тастерот ЗА, наместо право и правна држава, видовме пазар и сурова игра. Многумина добија, си ја купија и слободата, а најмногу во оваа игра изгубија граѓаните. Дали сите партии своите 5 минути ги трошат само за себе, наместо тоа да биде власт за граѓаните?

Суверенитетот во нашата Република, по сила на уставот, произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните! Оттука, никаква перфидна политичка игра не може да ја негира референдумски изразената волја на Суверенот, без кој de iure нема држава. Затоа, правно гледано, целата оваа лакрдија со промена на Уставот е само драмолетка на уценети, корумпирани и вазални политичари, која нема никаво правно значење. Или, правно гледано, овие уставни амандмани – пишувани во странство – вредат колку искористена тоалетна хартија! Како што е правно невозможно со собраниска одлука да се поништи народната волја, така – во иднина – секој нареден парламентарен состав ќе може да ги отповика овие илегални уставни промени, дури и со само една проста Декларација, со која ќе се констатира дека процесот бил противправен и спротивен на правниот поредок. А за таква декларација, не ви е потребно ниту 2/3, ниту Бадентерово мнозинство – туку само обично/релативно мнозинство гласови од присутите народни избраници на конкретната седница.

Тука би сакал да потенцирам дека од авион веќе се гледа дека ова е договорена валкана игра меѓу двете најголеми партии СДСМ и ДПМНЕ. Првите се квислинзи, а вторите колаборационисти! Најверојатно, на Заев му е ветено дека ќе стане идниот претседател, а на Мицковски дека ќе стане идниот премиер. Но, овие две партии го доведоа македонскиот граѓанин до тоа дереџе да гледа спас од нивната налудничава политика во албанските националистички пратеници во нашиот парламент (кои можно е да не гласаат, доколку не се задоволат нивните мегаломански експанзионистички апетити), како и во грчките пратеници – за кои е неизвесно дали воопшто ќе го ратификуваат т.н. Преспански договор, бидејќи според информациите од терен виси Владата на Ципрас.

Како порфесор по право, како го оценувате менувањето на Уставот и целата негова постапка?

Како силување на правото и на Правдата! Ова е процес кој е досега невиден во компаративната уставна практика. Скандалозното е во тоа што една американска консултантска куќа ви го пишува вашиот устав, а амандманите ги договарате преку WhatsApp преписка со премиер на странска влада – па тоа е нешто што е недопуштено и незамисливо во правото. Затоа и нема соодветен правен термин да се изрази оваа налудничава операција. Можеби подобро е да се обратите кај психолози, отколку кај правници – за да ви дадат дијагноза на протагонистите во процесов на самоукинување на еден слободарски народ кој преку крвава антифашистичка борба се изборил за својата државност.

За се промени Уставот, во последен момент се промени Кривичниот законик, се донесе Закон за амнестија. Власта продаваше „демократија и право“, но понуди сосема друго. Како правен експерт, кој е Вашиот став, дали овие закони требаше да се донесат токму сега и воопшто која е потребата од нив?

Од мои инсајдерски извори знам дека нашиве властодршци биле спремни да го жртвуваат и целото СЈО само и само да ги протнат уставните промени. Колку треба да си „одлепен“ или тотално корумпиран и без никаков дигнитет и морални скрупули за да направиш ваква кардинална државничка грешка и да си го самоукинеш народот кој треба да го водиш во наводна „подобра иднина“!?

Во однос на Законот за амнестија за настаните од 27-ми април, истиот е спротивен на самата суштина на правниот институт амнестија. Имено, тој ги меша поимите „амнестија“ и „помилување“, па спротивно на јавното право, ја делегира одлучувачката моќ од Собранието на судот – што е недозволиво. Тоа е забрането во нашето право! Амнестија дава парламентот, а не судот. И не може амнестијата да зависи од волјата на обвинетиот (кој треба да поднесе барање), исто како на пример што не може плаќањето на данокот да зависи од волјата на даночниот обврзник. Сега, за прв пат во нашата правна историја, имате постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по иницијатива на засегнатите странки (ex privata)!? Ова е нон-сенс. Затоа и имате ситуации каде од две или повеќе лица кои се обвинети за ист кривично-правен настан – едниот добива амнестија, а другиот не!? (видете го примерот со Дурловски наспроти Бетмен Велит/Дамовски и др.). Да бевме нормална држава, ваков неправичен и конфузен закон, донесен наменски заради политички пазар со обвинетите пратеници, експресно ќе беше поништен од страна на Уставниот суд. Но, за жал, таму седат едни од најнеспособните правници во државава за кои ви тврдам дека да фателе златна рипка, ни на крај памет немало да им текне да побараат некогаш во животот да бидат уставни судии.

Година и половина власта се занимава со надворешната политика, притоа занемарувајќи ги останатите сектори. Дали влеозот во НАТО и ЕУ само посебе ќе донесе благостостојба на останатите полиња?

Влезот во НАТО и влезот во ЕУ се два одделни и сосем независни процеса. Не постојат ево-атлантски, туку постојат европски и атлантски интеграции. Македонија е земја со мирољубива европска, а не со милитантна натовска култура. Влезот во НАТО само ќе ја зголеми сиромаштијата во РМ! Наместо за нови болници и школи, парите ќе ни одат за нови пушки и праќање нашив војници во туѓи окупаторски воени мисии по белиот свет.

Во однос на ЕУ интеграциите, пак, треба да бидеме среќни ако во текот на нашите животи стигнеме таму како полноправна земја-членка. Значи, реално членството во ЕУ би дошло после две или повеќе децении од сега. А дотогаш, којзнае што се би се случило на светската геополитичка сцена. Мојот принципиелен став е дека и утре да треба да влеземе во ЕУ, цената за промена на името и идентитетот е превисока и ние треба достоинствено да одбиеме да ја платиме.

Рамо до рамо со сегашната власт се боревте протв т.н. Режим – жалите ли заради тоа? Каде власта ја „утна“ работата?

Ние бевме дел од т.н. Шарена револуција против режимот на Груевски, кој во последните неколку години од владеењето забега тотално и истиот мораше да биде соборен. Но, наместо подобра власт која ќе ги реши приоритетните економско-социјални проблеми на луѓето, дојде марионетска и вазалска власт кој ги спроведува странските империјалистички диктати, наспроти волјата и очекувањата на мнозинството од народот. И затоа, сега народот е во шок и апатија! Оти, заевизмот стана највисокиот стадиум на груевизмот.

Но, за разлика од прикриените шарени сороспии кои се шитнаа за фотелји, ние останавме доследни на нашите принципи. Достоинствено одбивме да учествуваме во предизборната коалиција на СДСМ, затоа што знаеме дека се тотално неспособни да ја оправат Републиката! На крајот на краиштата, СДСМ се и нашите најголеми класни непријатели. Ние сме деца на стечајци, а тие – деца на црвената буржоазија од комунизмот. Затоа ние не се разбираме и затоа се гледаме и ќе се гледаме преку нишан. Но, конечно и народот мора да сфати дека изборот помеѓу СДСМ и ДПМНЕ е избор помеѓу змијата и магарето и да се одважи да гласа за другите партии. Еве, на пример, само замислете Левица да станеше парламентарна партија – немаше теоретски шански да дојде до промена на името! Затоа, мекедонскиот граѓанин треба конечно да го отфрли клиентелизмот и да им даде шанса на нови неискомпромитирани политичари, наместо 30 години да гледа реприза на оваа двопартиска сапуница.

Хипотетички да бевте дел од оваа власт, што првенствено би смениле?

Економијата, образованието, здравството и судството! Тоа се столбовите на секоја цивилизирана држава, кои кај нас намерно се направени нефункционални – поради корумпираните политички елити од двете партии, како и поради капиталистичките конвертити кои ги финансираат кампањите на обете партии, а за возврат добиваат тендри и привилегии. Во економијата мора да се заузда банкарскиот сектор – кој ја цица крвта на сиромашните. Во школството мора да се воведе бесплатно образование од градинка до докторат, оти ние сме мала земја која не смее да дозволи паметните, а сиромашни студенти да се откажуваат од студии затоа што немаат да платат да платат партиципација. Во здравството, мора да се воведе бесплатно здравствено осигурување на сите државјани на РМ и неколкукратно да се зголемат платите на лекарите, како и инвестициите во кадар и опрема. И, конечно, во правосудството мора да се тргне трајниот мандат на судиите и да се воведе еднократен мандат, без повторно право на реизбор на судија до крајот на животот. Исто така, се покажа дека т.н. слободен мандат на пратениците е рак-рана од која извира корупција, па треба да се воведе т.н. императивен пратенички мандат, каде што граѓаните кои не се задоволни од работата на својот пратеник ќе имаат уставно право истиот да го отповикаат.

Ваше мислење, дали со Претседателските избори треба да има и предвремени парламантарни избори?

ДА – треба! Затоа што оваа брутално корумпирана Влада го изгуби и компасот и легитимитетот да владее, особено после пропаднатиот референдум и после кршењето на Уставот и редица закони. Политолошки гледано, Македонија сега живее во тиранија, според сите политички и правни теориски и практични карактеристики на овој октроиран и најштетен облик на владеење (доминација на приватните и бизнис-интереси; арбитрарност на властодршците и постоење на стаховлада; напната и нездрава завереничка атмосфера; некадарна администрација составена од климоглавци и потемкиновци итн.).

Дали Левица ќе настапи со свој кандидат на Претседателските избори, или тоа е позиција на чие чело може да застане само кандидат од поголемите политички партии?

За ова прашање се уште немаме донесено конечен став. Партиските органи во следниов период ќе се произнесат и јавноста ќе биде благовремено известена.

Според Вас, каква личност треба да ја води државата наредните 5 години, дали тоа треба да биде експерт, консензуален кандидат или партиски кандидат?

Мое лично мислење е дека во иднина Македонија треба сериозно да размисли да воведе моноцефална, наместо бицефална извршна власт. Тоа би значело, наместо Влада и Претседател, да постои само Претседател на Републиката – со свој ресорски кабинет – со што би се вброиле во класичните претседателски републикански системи. Се покажа низ оваа тридецениска историја дека двоглавата извршна власт е неефикасна, па во идниот уставен инженеринг на нашите планери, спопикани по кабинетите како советници, им предлагам да преминеме кон чист претседателски систем.

За личноста на Владетелот, пак, имам многу што да кажам – но, би ми требало повеќе простор. Првенствено тоа мора да биде лик со личен и професионален углед и кредибилитет, а не некоја партиска многуучена ветрушка. Неподмитлива, принципиелна и морална личност која ќе се бори против корупцијата до последен здив, оти корупцијата е таа која го разјаде и сруши нашето општество, ги урниса вредностите и ги натера и младите и старите да бегаат во дијаспората, барајќи подобар живот во посредените системи кои функционираат темелејќи се на знаење и принципи, а не на непотизам, врски, мито и клиентелизам – фаворизирајќи ги неспособните и неказнувајќи ги корумпираните.

Извор: lider.mk

Коментирај