Интервју на Јовановски: Битката за Македонија е сведена на Хамлетовото „Да се биде или не“

0
847

Буџетот на една држава е нејзиното лице. Тоа значи, каков буџет ќе изработите, така ќе ве перципираат, прво граѓаните во сопствената држава, а потоа и претставниците на меѓународната организација (ЕУ), вели актерот и пратеник, Крсте Јовановски во интервју за неделникот „Република“.

Со ребалансот на буџетот предвиден за изградба на Античкиот театар во Скупи, голем дел од средства што беа наменети за проектот се укинати. Станува збор повеќе од 80 проценти од средствата и со тоа, фактички, ќе се запре изградбата на Античкиот театар во Скупи, кој по финалната реконструкција би бил единствен објект од ваков вид не само во земјава, туку и пошироко… Според Вас, која е целта на ваквите постапки?

Јовановски: Буџетот на една држава е нејзиното лице. Тоа значи, каков буџет ќе изработите, така ќе ве перципираат, прво граѓаните во сопствената држава, а потоа и претставниците на меѓународната организација (ЕУ). Овие денови јавноста има можност низ општиот претрес за ребалансот на буџетот да се запознае со „стручноста“ на новиот министер за финансии. Не знаеше да одговори на ниедно од поставените прашања во поглед на кратењето на буџетот во сите сегменти на општественото живеење на граѓаните. Кога се работи за културата, никаде нема објаснување зошто се скратени средствата за Античкиот театар во Скупи и за другите археолошки истражувања. Освен во културата скратени се парите и за капитални инвестиции, се крати од студентите, од граѓаните… немаат ништо во интерес на граѓаните освен популистичките мерки за укинување на екстерното и дисперзираните студии. На нашите прашања зошто се крати немаат одговор, а во меѓувреме вработуваат партиски луѓе и „шарени“.

Всушност, со ребалансот на буџетот се скратени и средствата за археолошки истражувања на локалитетите низ државата за повеќе од 70 проценти. Значи ли ова дека Владата ќе ги запре археолошките истражувања на локалитетите низ Република Македонија?

Јовановски: Треба да го земеме предвид фактот дека во Македонија каде и да копнеш ќе откриеш историска вистина за постоењето на македонскиот народ и на неговиот идентитет. Со оглед на тоа кој стои зад новото вештачки скроено парламентарно мнозинство и која е целта за колку што е можно поитно завршување на „реформите“, тогаш не треба многу за да се одговори на прашањето: „Зошто во сферата на културата и на културното наследство е речиси сѐ скратено“.

Пред неколку дена бевме сведоци на промена на директорите на Театарот Комедија и на Театарот за деца и младинци со образложение дека тие биле „под контрола на Никола Груевски“. Каков е Вашиот став за ова?

Јовановски: Театарот Комедија почна со работа пред точно пет години и неколку месеци. Од неговиот почеток до денес дијагоналата на координативниот систем во смисла на успешност е константно во нагорна линија од лево кон десно. Директорката Јелена Жугиќ за овој период успеа од новоформирана институција што се појави на театарското небо во нашата држава да направи театар со високо реноме како во нашата држава така и надвор, за што сведочат и многубројните награди за претстави во целина и за актерски остварувања. Кога ќе се погледне оваа биографија на директорката Жугиќ и на ансамблот на Театарот Комедија веднаш доаѓа до израз поговорката: „Пред фактите и Боговите молчат“. Образложението дека директорката Жугиќ ги запирала и ги заробила тековните процеси во однос на работењето на театарот не се никакво оправдување дека го правела тоа. Единствено што држи вода е нивниот став дека е сменета затоа што била еден од поактивните членови на ВМРО–ДПМНЕ.

Со смената на Жугиќ и на Димитров и со поставувањето партиски кадри се врши партизирање на државата. Има ли потреба од партизација во културата?

Јовановски: Членувањето во една или во друга политичка партија со Устав му е загарантирана на секој граѓанин во РМ. Имајќи предвид дека нивната теза, која постојано ја спомнуваа пред изборите и по нив, е дека ќе донесат непартиски, професионални и стручни кадри на разни директорски места во сите институции во државата, постручен и попрофесионален од страна на директорката Жугиќ во однос на Театар Комедија и неговото опстојување јас не знам дали во овој момент може да најдат. Секој тој што ќе го донесат треба однапред да знае дека треба да почне некаде од „150“, па нагоре. Ова што ни се случува во државата околу непартизмот, професионализмот и стручноста во однос на именување нови луѓе, почнувајќи од министри, па надолу, е само еден обичен политички памфлет и популизам, кој во СДС го има во изобилство. Со ова сакам да кажам дека тие воопшто не размислуваат за „Живот“ во Македонија, туку за смрт.

Во време на ВМРО се градеа театри, се инвестираше во истражувања, се финансираа изложби, беаиздадени десетици едиции книги со македонски превод, се снимија еден куп филмови… Сега новата влада сето тоа го крати. Се крати во основната дејност на културата. Скратени се пари за истражување, за конзервација, за филмови… За нови вработувања не станува ни збор.

Секоја генерација има своја битка и своја задача кон сопствената татковина. Која е најголемата битка на оваа генерација?

Јовановски: Живееме во едно гнојосано време, како што вели Хамлет, и мислам дека битката, ако е битка, е сведена на зборовите што ги изговара Хамлет: „Да се биде или не“. Сакам да кажам дека секој граѓанин на Република Македонија, кој е вистински патриот, Македонец, чесен, христијанин, традиционалист и заштитник на бракот и на семејството како основна категорија дадена од Бога, без која не може да се има држава, треба да се спротивстави на ваквото владеење, разнебитување и трговија со државата, со идентитетот на граѓаните, со јазикот и со сѐ што нѐ прави посебни на оваа планета. Ако ги оставиме да продолжат да владеат вака, набрзо ќе престанеме да постоиме како народ и ќе се претвориме во „цифковци“, како што вели големиот Маџунков во делот „Сенката“ од трилогијата „Големиот смок“.

Коментирај