Интервју со Ивана Наскова: Ми се случи мал бродолом во животот од кој сфатив дека сум посилна од било кога

0
676

Ивана Наскова е позната на јавноста пред се како телевизиски и радио водител, Стенд Ап комичар и  од неодамна влезе и во писателските води со своето првенче романот „Совршениот странец“ издаден од Матица Македонска. Успешна на повеќе полиња, седнавме да разговараме со неа и преку ЈАВНО.МК да ви ја пренесеме нејзината тајна на успехот.

Јавно.мк: Како постигнуваш да го организираш времето и да постигнеш се?

Ivana-Naskova-2

Ивана: Знам дека звучи како клише, но кога го работиш она што го сакаш тогаш навистина можеш да постигнеш се! Но еве да бидам реална, сево ова се постигнува со четири часа спиење, работен ден од 12 и повеќе часа и многу планирање и организирање на времето и обврските.

Јавно.мк: Значи ли ова дека немаш време за приватен живот, излегување и дружење?

Ивана: Напротив! Не би можела да функционирам доколку не сум опкружена со луѓе кои ги сакам и кои ме полнат со позитивна енергија. Но внимателно одбирам на кој ќе му го посветам моето време. Одамна веќе кругот на луѓе со кои пијам кафе и дружам е видно намален, затоа што со текот на годините сфатив дека е многу поважен квалитетот од квантитетот. Не ми се потребни куп луѓе околу мене, доволни ми се само неколку на кои можам во секое време да сметам и да се потпрам. Тие се мојата сигурносна мрежа која ме фаќа кога и да паднам долу.

Јавно.мк: Од телевизија и радио се префрли на Стенд Ап комедија и веќе имаш неколку успешни настапи зад себе во земјава и надвор. Како дојде воопшто оваа идеја?

Ивана: Од секогаш сакав да ги смеам и расположувам луѓето околу мене, само сега најдов начин да го уновчам тоа J Стенд Ап комедијата е можеби најтешкото нешто со кое сум решила да се занимавам. Можеби првично заради тоа што во Македонија многу малку го познаваме овој начин на анимирање и забавување на публиката и затоа што нема други женски Стенд Ап комичари па сите гледаат малку чудно кога ќе им кажам дека сум Стенд Ап комичар. Не е лесно да им докажеш на луѓето дека тоа што успеваш да ја видиш смешната и забавна страна на работите не те прави несериозна личност и дека Стенд Ап комедијата е можеби најинтелегентниот начин да ги срочиш и кажеш твоите ставови и размислувања за она што се случува околу нас, само нели на смешен начин, затоа што да не беше смешно, ќе беше трагично J

Јавно.мк: Твојата прва книга „Совршениот странец“ помина одлично кај читателската публика, но како и зошто се одлучи да започнеш со пишување?

Ivana-Naskova-Sovrseniot-stranec

Ивана: Од секогаш пишував, само го чекав вистинскиот момент за да ја напишам мојата прва книга. Писателството излезе дека е мојата најголема љубов, ако морам да одберам помеѓу сево ова што го работам, ќе им речам земете се, дајте ми само една мала куќарка на плажа и оставете ме да пишувам J Кога пишувам сум најсреќна, светот кој го креираат ликовите од моите книги е толку посебен, непредвидлив и полн со емоции! Само човек што пишува може да ме разбере кога ќе кажам дека седнуваш да пишуваш и ликовите сами ја пишуваат својата приказна, не ги контролирам јас, јас сум само набљудувач на она што им се случува. Нешто слично на филм, понекогаш и самата не знам што следно ќе се случи.

Јавно.мк: До каде е новата книга и за што овојпат пишуваш?

Ивана: Ми се случи мал бродолом во животот кој одлично се вклопи со мојата нова книга. Толку емоции и чувства излегоа од мене додека пишував што за мене беше најдобрата терапија која можев да ја имам за да се вратам во нормала и да сфатам дека сум посилна од било кога. Така е и приказната на мојот главен лик Илина, животна борба и предупредување дека животот понекогаш не дава втора шанса и треба да бидеме многу внимателни со сите одлуки кои ги носиме. Не секогаш се е во раце на судбината, судбнината е само резултат на она што во одреден момент сме го направиле или изборот за кој сме се одлучиле. Но она што не не убива, само не прави посилни.

Јавно.мк: Дали ќе им се вратиш наскоро на телевизијата и радиото?

Ivana-Naskova-1

Ивана: Јас нив никогаш не ги ни напуштив, тука се, ме има и на нив, не толку често но тука сум J Од септември веќе е планирано да започнеме со одличен телевизиски проект кој верувам дека ќе ја задржи публиката пред телевизор затоа што е телевизиски формат кој одамна недостасуваше кај нас и на него ќе работи одлична екипа која ќе понуди шоу по светски стандарди. Искрено сум возбудена и едвај чекам да започнеме со снимањата.

Јавно.мк: За крај која е Ивана Наскова? Што е она што те движи напред?

Ивана: Јас сум девојката која со насмевка и многу шега на своја сметка ги поминува најлошите моменти во животот. Јас сум човек кој верува дека соништата се исполнуваат ако работиш напорно и посветено и најважно од се, ако сам се бориш за да го добиеш тоа што го сакаш! Не очекувам и не сакам ништо никој да ми поклони, сакам сама да се изборам за тоа, само така можеш да го почуствуваш вкусот на успехот и победата. Зависна сум од љубов, позитивни луѓе околу мене и многу многу добри книги 🙂

Коментирај