Христијанска етика: Степени на духовно совршенство

0
277

Најголемата цел во изградувањето на сопствената светост, поради која и сме повикани во Царството небесно, е токму богоподобието, за кое што сме создадени, а кое се состои во тоа, да бидеме совршени, како што е совршен нашиот Отец небесен (Матеј, 5, 48). Оваа цел, потполно е остварена во нашиот Господ Христос, па само преку Него, човекот може да израсне како совршено битие. Според тоа, Исус Христос е изворот на секаква богоподобност.

Он може да биде тоа и навистина е, зашто е образ на невидливиот Бог (Кол. 1, 15). Тоа е Исус како Син Божји; како Син Он е невидлив. Но оваа слика на невидливиот Бог, која Му е потполно својствена на Синот, стана видлива кога Синот се овоплоти и стана човек, примајќи го телото, слично на телото од гревот (Рим. 8, 3). Така, сета полнота на Божеството, која и ја сочинува верната слика Божја, се овоплоти (Кол. 2, 9), па во текот на Христовиот земен живот се изразуваше меѓу луѓето и со луѓето и се посведочи, како во Неговите односи со луѓето, така и во односите со Неговиот Отец небесен, па на тој начин стана видлива и достапна. Токму на тоа работеа апостолите – да се усвои полнотата на Божеството и во себеси да се изгради богоподобноста, бидејќи апостолот Павле им пишува на Галатјаните: „Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос“ (IV, 19).

Така и Црквата се изградува по образот Божји, со усвојувањето на Божествената полнота, според зборовите на ап. Павле: Него, Христа, Го даде на Црквата „Која е Негово тело, полнота на Оној, Кој исполнува сè во сè“ (Ефес. 1, 23).
Образот на невидливиот Бог се изградува во себеси и станува своја сопственост, кога личноста, која во себеси е поделена поради гревот, па во исто време се решава и за добро и за зло и твори зло (Рим. 7, 14 – 23), со вера се определува за правдата Божја т. е. за божествена победа над гревот преку Исуса Христа, и кога на злото ќе му го претпостави доброто, така што целиот свој живот ќе го следи овој пат, кој води во живот вечен. Така човекот најпрвин се пресметува со самиот себе.

Се победува самиот себе, за да не биде веќе оној кој бил (а тоа значи во исто време да го посакува и доброто и злото, а да го прави злото), туку да стане само добар, за што е и создаден во Христа Исуса, и за што еднаш и засекогаш конечно се определил. Така, човекот се менува, престанува да биде она што бил и станува нов, иако се работи за истата личност; личноста, значи, е иста, но се разликува според правецот и содржината на животот, па затоа е ново создание. Поради тоа, ап. Павле вели: „И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете сè стана ново“ (2. Кор. 5, 17). Оној кој е ново создание во Христа должен е да живее во согласност со својата нова ситуација: во својот живот да не биде стариот, туку да стане нов човек. Зашто морате „да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината“ ( Ефес. 4, 22 – 24).

Да, оној кој е нова твар во Христа треба да живее нов живот и да разбере дека соблекувањето на стариот човек, всушност, значи одрекување на гревот во неговите најразлични дела, а облекувањето во новиот човек, значи стекнување на добродетели и живот кој соодветствува. Тоа особено се согледува од зборовите на ап. Павле: „Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците…каде што нема Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“ (Кол. 3, 5 – 11).
„И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кроткост и долготрпеливост…И мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!“ (Кол. 3, 12 – 15)

Бидејќи светоста, на која се повикани христијаните, е нешто што се однесува, не само на личноста, туку и на сите нејзини сили: духот, душата и телото, а тоа значи дека таа се постигнува со активирање, не само на личноста, која свесно и слободно се определува за светост, туку и на сите нејзини сили, со кои е надарена. Ова се прави, пред сè, за божествената полнота, односно божествената плирома и сите нејзини богатства и совршенства, да се сфатат, усвојат и присвојат и тоа со сите оние сили, на кои оваа полнотата им е сфатлива и прифатлива и во онаа мера, за која сите сили се способни. Зашто, додека нешто од таа полнота може да се сфати и прифати со умот, друго, пак, нешто може да се сфати и прифати со срцето или волјата. Според тоа, полнотата на светоста се постигнува со посветеност на целиот човек: не само на неговата личност, туку и на сите нејзини духовни и телесни сили. Така, светоста – е светост во вистинска смисла на зборот, кога Бог на мирот ќе нè освети сосема, та светоста да стане неделива, целосна.

Умот се просветлува со обновување: да се обновите со духот на својот ум (Ефес. 4, 23). Обновувањето се извршува со усвојување на умот Христов, што е можно само во Црквата. Бидејќи ап. Павле прашува: Кој го познал умот Господов, та да го објасни? и одговара: А ние имаме ум Христов (1. Кор. 2, 16). Умот Христов во нас се развива, кога се расте во познавањето на Бога (Кол. 1, 10) и раѓа плод, кога на Бога Му се молиме и Го прославуваме, не само со духот, туку и со умот. Зашто ап. Павле вели: Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум (1. Кор. 14, 15).

Волјата се осветува кога, од една страна, ќе се ослободи од робувањето на гревот, кој ѝ одредува погрешен правец и ѝ дава содржина со која не може да Му се угоди на Бога; од друга страна, пак, волјата се осветува, кога слободно и свесно ќе се определи за доброто и кога упорно го извршува. Зашто волјата е создадена за добро и таа вистински е слободна, во онаа мера, во која е доследна на самата себе: доколку го сака и го извршува доброто. Со Исуса Христа на волјата ѝ е вратена слободата, таа има свој корен во крвта Христова. Со враќањето на оваа слобода, христијаните се повикани на слободен живот, под услов да не се враќаат во ропството на гревот. Зашто ап. Павле вели: Стојте така во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!…Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг (Гал. 5, 1 – 13).
Срцето, кое како централен орган на човековото битие е создадено да биде извор само на добро, а кое поради прародителскиот грев стана извор и на зло, се осветува кога во него преку дарот на Светиот Дух ќе се излее љубовта Божја. Зашто со оваа љубов, во човекот се предизвикуваат сите највозвишени особини, кои го красат како впечатливи добродетели, а кои се основа и извор на животот и со кои се извршува волјата и законот Божји.

Така срцето преку љубовта станува средиште на потполна светост, која се однесува не само личноста, туку и на сите нејзини сили. Зашто светоста не се состои само во обновување на внатрешниот човек, во преобразување во Христовиот лик, во премин од слава во слава, туку и во живот со кој се извршува волјата Божја и кој е заради тоа богоугоден. А волјата Божја се извршува со љубов, поради што ап. Павле вели дека љубовта е извршување на законот (Рим. 13, 10) и врска на совршенството (Кол. 3, 14). Така со љубовта, се осветува самото срце и станува средиште на потполната светост.

За љубовта, која преку Духот Свет се излева во нашите срца и оттука се покажува како главна причина и извор на потполната светост: како на внатрешниот човек, така и на неговиот надворешен живот, ненадминливо зборува ап. Павле во својата химна за љубовта, која самата по себе најслаткоречиво сведочи за тоа. Пред сè, во оваа химна се истакнува дека вредноста на љубовта е апсолутна, така што ништо нема своја сопствена вредност без неа. Освен тоа, во химната се истакнуваат особините на љубовта, кои се важни за животот и без кои волјата Божја не би можела да се исполни, а со чијашто помош настанува исполнување на законот.
Оваа светост, која го опфаќа целиот човек, а која се состои, од така да кажеме, безброј добродетели, со кои човекот се изградува за да стане храм Божји и живеалиште на Духот Божји (1. Кор. 3, 16), па така да влезе во Царството на Бога, не може целосно да се оствари одеднаш, ниту може да изрти и почне да расне со секоја добродетел.

Зашто светоста се состои од сплет на добродетели, во кои секоја од нив има свое сопствено место, така што онаа која треба да се појави на крајот на еден развој, или во некоја негова подоцнежна фаза, не може да никне на самиот почеток и така да стане корен на други добродетели. Духовниот развој, со кој се остварува светоста, мора да има свој почеток и завршеток, а помеѓу нив и многу преодни облици, зашто нашиот внатрешен човек од ден на ден се обновува и ние се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа од Духот Господов (2. Кор. 4, 16; 3, 18).
Образецот на овој духовен развој со кој се остварува светоста и влегувањето во животот вечен, го дал Господ Исус Христос во Блаженствата, во Беседата на гората. Всушност, само Он можеше да го даде овој образец, зашто со овој духовен развој се остварува образот Божји, кој е во Него (2. Кор. 4, 4), а кој, заедно со Него, преминува на сите оние кои се во органска врска со Него, налик на врската помеѓу лозата и прачките, која ги храни и им дава сила да принесат огромен плод.

Според тоа, со блаженствата не се дава преглед на добродетелите, кои меѓу себе немаат никаква врска, туку се прикажува нивниот органски развој, кој започнува со смирението, па низ повеќето други добродетели, завршува со мачеништвото за правдата, која во Христа Исуса доби свое најпотполно остварување, а особено во Неговата смрт на Крстот, кадешто Он, принесе жртва за целиот род човечки. Така, во блаженствата се открива образот на Исус Христос, кој потполно се остварува кај оние, кои како Негови ученици Го следат во сè и кои како награда добиваат совршена среќа, која го надминува секој ум и секое искуство. Зашто, што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои Го сакаат (1. Кор. 2, 9).

Димитриј Димитријевич
Извор: Бигорски манастир

Коментирај