Христијанска етика: Православната духовност и „хуманистот“

0
429

Протопрезвитер Михаил Кардамакис

На вистинската духовност не ѝ е непозната човечката трагедија. Таа не ги занемарува сите оние тенденции што го потенцираат човечкиот проблем и ја попречуваат човечката предодреденост. Вистинската духовност е чиста антропологија, пат кон автентичната човечност. Таа секогаш била и останала одговор на проблемот на човекот, кој, пак, е средиште на сите проблеми. Во суштина, сите проблеми се содржани во човечкиот проблем, и сите решенија во решението на човечкиот проблем.

Најважното дело на православната духовност во денешното лудило на новата иконоборечка ерес, т. е. ништењето на човекот како икона Божја, е во нејзината борба за зачувување на христијанската икона во човекот, за заштита и поддршка на човекот и вистинската човечност, на целосниот човек и севкупната човечка реалност. Тоа е дело на сопатништво и сораспетие со човекот кој повеќе нема склоност да биде носител на смислата и да живее пророчки, така што да може да му се помогне во надминувањето на немирот и понижувањето, да може да се отвори за своите теолошки можности и размери, кои го објавуваат како бог после Бога, и тајна после тајната Божја. Тоа е чин на сведоштво на христијанската увереност дека човекот е „големо битие и име, изобразба на божествената природа“ (св. Григориј Нисиски). Всушност, тоа е повторно откровение и откривање на богочовечноста, на боголикиот и христообразниот човек во една епоха каде човекот брза и се измачува среде мноштво нечовечни ситуации.

Православната духовност, во која теологијата и антропологијата взаемно се проткајуваат, не подразбира само согледување на човековата проблематичност, туку и му помага на човекот да ја разбере својата единствена вредност и вистинско величие: „Зашто, голема вредност има човекот. Погледни колку големи се небото и земјата, сонцето и месечината. Па сепак, Господ, не благоизволи во нив да најде почивка, туку само во човекот. По достоинство, човекот е поголем од сите созданија“ (св. Макариј Египетски).

Православната духовност му дава сила на човекот за повторно откривање и пројавување на своето битие, кое денес е потопено и уништено од материјалната сопственост. Таа му помага на човекот да се врати во богочовечката тајна за постоењето на вистински човек и „почовечен човек“, преку барањето на личното постоење и одговорност. Важно е што човекот е, а не што поседува, и тој не се сведува на она што го рекол или направил.

Господ нè научи да го сакаме човекот онаков каков што е, и Он Самиот никогаш не се запираше пред она што го зборуваа или правеа луѓето. Он одеше право кон човекот, ја наслушнуваше последната желба на неговото срце, тогаш кога срцето ја бараше својата вистинска ризница. Човекот е над сите созданија и над целиот свет, но пред сè, над предметите, материјалните добра, конвенциите, идеите и прогресот.

Евангелието е непрестаен призив кон човекот да остане вистински слободен во своето постоење, да има она што е, и да не е она што го има, или, пак, да го дава она што го има, или да го има она што го дава, да биде она што е и тоа да биде неговото постоење и тој самиот. Важен придонес на православната духовност е во тоа да се одбрани битието, како и ставот дека да не се има или поседува нешто, е почеток на битието, и дека тоа е теолошка реалност. Исто така, да ја сочува слободата од имањето и поседувањето, слободата на постоењето и сопостоењето, да ја сочува единственоста на христијанската личност, толку вредна за љубов, со оглед на тоа дека го носи понижувањето Христово и печатот од дарот на Светиот Дух.

Показател на пропаста на христијанската икона во човекот и негација на неговото царско достоинство е тврдењето дека дури и човечките творби, пронајдоци или производи се ставаат над него и го загрозуваат неговиот живот. Се работи за чекор наназад и изопаченост кои ја разоткриваат човечката немоќ и неговото напуштање на улогата во историската реалност, во заедницата на тварниот свет. Нашата епоха навистина го прави човекот играчка среде бура, слуга на сопствените конструкции, немоќен да одигра решителна улога во историјата. Животот и бескрајните можности на таквиот човек завршуваат во арогантна и самоуништувачка наслада, во нарцизам и самодоволност, во индивидуализам и осаменост, која претставува крајна беда и немоќ, извор на безумие и лудило, почеток на омраза и насилство.

Омразата и насилството имаат извор во изопаченоста на индивидуализмот, во разузданоста на самоволието, во мрачните длабочини на идололатриското его, во одбивањето на заедницата и љубовта. Православната духовност кај човекот може да разбуди самопознание и историска одговорност, и по мерата на богољубието и човекољубието, да биде сведок на слободата и одговорноста, смислата и љубовта.

Нашата епоха, во која човекот е искушуван од револуционерни метежи, светски случувања и насилни преврати, пред нас ја става неопходноста од пронаоѓање на смисла, од промена и преобразба, правилно насочување кон иднината. Меѓутоа, сето ова е поврзано со тајната на внатрешната содржина и целосноста на човекот, теолошката и богочовечка основа на неговата личност, есхатолошката перспектива и надеж, каде што самата духовност е дар Христов и живот на Црквата. Така може да се одговори на прашањата за значењето на животот, за смислата на созданијата и целта на историјата.

Делото на духовноста не смее да биде вмешано во бескрајна процедура на разговори и програми за еден подобар живот, за подобрување на условите за живот, под притисок на било какви нови струења или страв од претстојниот развој на настаните. Нејзиното дело е тоа, без паничен страв и со одговорност којашто има христијанско-есхатолошка перспектива, да го постави проблемот за смислата на битието, природата и историјата.

Конечно, човекот е должен да се отвори кон овие проблеми, зашто само така се вреднува самиот тој и неговата несреќа, која престанува со покајанието и пронаоѓањето на Бога. Секој безизлез и неуспех, немоќ и очај, искушение и негација, заточеништво и закана со смрт, се лечи со враќање кон Бога и влегување во Неговата Црква. Во рамките на динамичното Црковно Предание се преобразува човековата реалност и целата историја, наоѓајќи ја својата смисла и цел, зашто Христос и Неговата Црква му даваат единствен „одговор“ на човекот и историјата, на желбата за полнота и жедта за светост на светот.

Современиот свет, со исклучок на неговиот грев, не престанува да биде објект на милоста и заштитата Божја. Тој не престанува да трага по духовност што својот полн израз го има во царската светост, без која историјата нема смисла и светот не може да живее. Оваа посакувана и носталгична духовност е православната духовност, автентичниот етос на Црквата, даден во својата вистинска синтеза и единство, во богољубиви и човекољубиви размери. Тоа е духовност која се става во служба на современиот човек, „за да се воспостави совладливо растојание, кое ќе ја дели неговата агонија и жед од изобилието на новиот живот и делата на Светите Отци, што, пак ќе придонесе за укинување на растојанието кое ги раздвојува теологијата и животот.

Православната духовност, пред сè, треба да создаде огниште на обнова и надополнување на искуството и етосот, на самиот живот на современиот христијанин и на христијанската Црква. Христијанските заедници на западниот урбан тип даваат слика на христијанизација поробена од лицемерието и недоследноста, од отуѓувањето и очајот, од трагиката и суетата, христијанство самооправдувачко и безблагодатно, со оглед на тоа дека во неговите рамки постојат „грешници искупени без покајание, ’праведници’, оправдани без христијанска љубов кон ближниот, ’христијани’ без благодатта Христова, Бог ’без власт’ над волјата на луѓето, предодреденост без тајната, искупување без осведоченост.

Ако комунизмот нагло го унесреќи човекот, тоа е затоа што христијаните, не верувајќи во Евангелието, не можеа да остварат Царство Божјо на земјата. Ако современата мисла има нишка на безнадежност и празнина, тоа е затоа што христијанската надеж ја изгуби утехата од Светото Писмо и не е веќе на ниво на божествениот призив. Ако постои апстрактна уметност, тоа е затоа што иконичното веќе не иконизира ништо, затоа што не овоплотува никаков дух и не сјае со никаква светлост. Надреализмот никаде толку успешно не се разоткрива како таму, каде што човекот го загубил огнениот интерес за реалноста и за нејзината таинствена содржина.

Спроведувајќи ги во дело своите дарови, христијаните се повикани да бидат пророци на смислата среде обновениот триумф на неразумното и апсурдното, да бидат душата на светот кој го изгубил центарот и убавината, да бидат живи носители на словата на троичното човекољубие во човештвото, кое во амбисот на својата криза не може да направи ништо друго освен да ја чека сопствената слобода. Христијаните се повикани да го земат на себе најважното сведочење: „свештеното принесување на самите себе, кое победува секаква поделба, секаква осаменост и инстинкт на смртта… Со своето постоење, тие се повикани да дадат уверување дека Божјата сила е моќна да ја разбуди надеж, таму каде што надеж веќе нема, и направи пат, таму каде што е безизлезот.

Со оглед на тоа, треба да исповедаме дека „црковните проблеми“, кои го загрозуваат внатрешниот живот на повеќето Православни Цркви, се раѓаат поради отсуство на заедничка духовна основа, на усогласеност во духовниот живот, што победува секаква спротивност и раскол кај верниците. Најпрвин имаме неопходност од содржина во духовниот живот, од враќање на православната духовност, за да можеме да ги надминеме лицемерието и омразата, поделбата и падот, тешкотиите и скандалите на историскиот пат на Црквата. И особено денес, имаме голема одговорност во тоа да се откажеме од идеологизацијата и религизацијата на Црквата, и на местото на религијата одново да ја ставиме верата и нејзиното секојдневно чудо, чудото на верата на Црквата.

Извор: bigorski.org.mk

Коментирај