Христијан Мицкоски: Загубена држава

0
119

Пранкот врз премиерот го откри „гангот” кој управува со државата.

Ако некој пропуштил некоја епизода од оваа тригодишна голгота низ која минува земјава, доволно е да ја чуе онаа скратена лекција на 50-минутно соголување и сета немоќ на оваа власт. Со егзалтирачкото незнање на оној кој треба да ја води владата, со препелкањето кое раѓа чувство на срам поради туѓиот срам, но и со мачнината која ви вели доволно е човеку не продолжувај повеќе, допрено е дното. Но, за жал со СДСМ дното нема крај. Со секој нов ден и нов скандал тие докажуваат дека тоа е бесконечно, слично и на онаа реченица на Ајнштајн кој вели дека разликата помеѓу глупавоста и генијалноста е тоа што ова второво за разлика од првото има крај, пишува Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕ во колумна за „МКД.мк.

Ќе ја видите онаа забревтана владина машинерија поредена во строј на задоцнета прес конференција да го одбрани неодбранливото, надополнета со оние ретуширани насоки да се ублажи скандалот, да се стави во рамките на некоја глобална анти-Заев завера која неодминливо го запира здивот на светот и сите проблеми кои тој ги има за да се позанимава со Заев и неговите стратешки прашања. Ќе ги чуете и оние владини чиновници како дофрлаат лути погледи на оние новинари кои малку ќе скршнат од сценариото кои заевите советници платени со народни пари го сковале, и ќе постават некое логично прашање на кое деспотот ќе испрати блага насмевка која треба да ја покрие неговата немоќ, како и неговиот страв дека оваа власт забрзано паѓа и чувството на секој еден човек кој си вели доста беше, мора да паднат.

Заев всушност на таа прес конференција немаше ниту еден аргумент, ниту едно логично објаснување. И сега нема да навлегувам во оние технички аспекти како можело да се случи ваков пропуст на кабинетот, или тоа што Заев цела година верувал во заблудата дека разговарал со Порошенко и Столтенберг. Нема да навлегувам во оној утешителен факт со кој владината машинерија сакаше да го ублажи и релативизира скандалот, во тоа дека со ваков пранк Заев се нашол во добро друштво како што е Борис Џонсон, Макрон, па дури и музичарот Елтон Џон. Вистински скандалозно е тоа што со овие разговори се открива карактерот на деспотот, и сета неспособност, но и лепливи прсти присутни во сите сфери на неговото владеење.

Целата колумна на Мицкоски прочитајте ја на „МКД.мк“.

Извор:република.мк

Коментирај