Хонгконг најскап град за странци, а кое место е Скопје?

0
185

Скопје е на 197. место на листата најскапи градови за живот за странци во 2018 година, помеѓу 209 рангирани дестинации, додека на првото место се наоѓа Хонгконг, според резултатите на консултантската компанија „Мерцер“.

Во регионот од централна и источна Европа, најскап град е Братислава (113), потоа Љубљана (132 место), Загреб (138), Будимпешта (151), Варшава (154), Тирана (172), Софија (175), Букурешт (176) и Белград (181).

На второто место во светот, како најскапа дестинација за странци се наоѓа Токио, зад кој следат Цирих, Сингапур и Сеул, додека главниот град на Ангола, Луанда го зазеде шестото место поради падот на цените за недвижнини.

Покрај Цирих, најскапите градови во Европа се Берн (10) и Женева (11), но генерално сите западноевропски градови се искачија на листата поради висината на трошоците за живот и закупот на станови, а особено германските, па така Франкфурт (68) и Берлин (71) скокнаа во однос на минатата година за 49 места, а Минхен (57) за 41 место.

Лондон се наоѓа 10 места повисоко од лани, на 19-та позиција, Париз се искачи во рангирањето за 28 места, на 34-та позиција, Рим во споредба со лани е искачен за 34 места на 46 позиција, додека Виена за 39 места на 39-та позиција.

Најскапиот кинески град е Шангај на седмото место, а веднаш зад него е Пекинг на осмото.

Тел Авив (16) и понатаму е најскапиот град на Блискиот исток за странците, а по него следат Дубаи (26), Абу Даби (40) и Ријад (45).

Најскапиот град во САД е Њујорк, кој падна за четири места на 13. позиција во однос на минатата година. По него следат Сан Франциско (28) и Лос Анџелес (35).

На 209 место, како најевтин град за живот се наоѓа Ташкент, главниот град на Узбекистан, по Тунис и Бишкек.

За потребите на своето редовно годишно истражување, компанијата „Мерцер“ ги истражуваше трошоците во однос на 200 основи на секоја локација, вклучувајќи ги сместувањето, транспортот, облеката, храната и забавата, споредувајќи ги и цените за влез во кино, потоа цените за литро вода, шолја кафе, литро бензин и млеко.

Извор: СкопјеИнфо

Коментирај