Хаос низ градинките, родителите на големи маки: Во само три скопски општини, на листите чекаат место над 1500 дечиња

0
454

Долги листи на чекање за упис, големи групи со дечиња, малку кадар, несоодветни услови… Ова се само дел од проблемите со кои родителите се соочуваат кога ќе пробаат да го запишат своето дете во градинките ширум Македонија.

Во градинките нема место за сите оние деца чии родители пополнуваат пријава за упис. И нема решение за овој проблем. По редовен пат, без „врски“, да го запишете детето во градинка можеби ќе треба да чекате и една до три години.

Според последната статистика, од мај годинава, околу 8.000 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка.

Кога ќе влезете во целиот тој лавиринт од документи, управа, пријава, молба, барање, ќе сфатите дека излез нема. Ви останува да чекате, а никој нема да ви каже колку долго тоа чекање ќе трае. Со други зборови, мора да се снајдете со чувањето на вашето дете. Во голем број случаи, токму ова е причината родителите да си дадат отказ на работа, бидејќи алтернатива немаат.

Родителите кои можат финансиски да си го дозволат тоа, ги бираат приватните градинки. Цената за месечен престој на детето во нив е од 200 до 300 евра, што ретко кој може да ги издвои од својот домашен буџет за оваа намена.

Ваква е ситуацијата во речиси сите општини ширум Македонија. Во овој дел од истражувањето, сме сконцентрирани на Скопје. Не постои скопска општина без листи на чекање за во градинка.

Според анкетата која ја направивме меѓу родителите чии деца се на листа за чекање, се покажа дека во моментов најголем е проблемот во скопските општини Кисела Вода, Ѓорче Петров и Аеродром.

КУРИР стапи во контакт со кабинетите на градоначалниците на овие општини: Филип Темелковски, Александар Наумоски и Златко Марин.

Само во овие три скопски општини, дури 1508 деца чекаат за упис надвор од официјалните листи.

Главниот проблем е што и без нив, групите се веќе премногу големи. Бројот на дечиња во една група се движи од 20, па до над 40 деца. Со две до три вработени во група, оправдано се поставува прашањето: Дури и да станува збор за најдобрите воспитувачки во светот, колкава грижа се во можност да понудат на волкав број на деца?

gradinka-rekonstrukcija

Лидер во оваа лоша статистика, меѓу овие три, е општина Кисела Вода. На листите за чекање на слободно место во градинките се 788 дечиња.

На територија на општина Кисела Вода лоцирани се две јавни детски градинки: ЈДГ„Весели Цветови“ со вкупно 6 објекти и ЈДГ„ 8 Март“ со вкупно 6 објекти.

Во „Весели Цветови“ во моментов на листа на чекање за упис има 300 деца, а во градинката „ 8 Март“ нема место за 488 дечиња кои чекаат на листата.

Постоечките групи се веќе преполни, односно одамна го имаат надминато дозволениот капацитет. Огромниот број на дечиња чии родители се соочуваат со овој проблем, во догледно време, додека нешто реално на терен не се превземе, нема каде да бидат згрижени.

Од општината во изјава за КУРИР ги открија бројките, проблемите, но говореа и за решенијата на истите.

Соочени се со огромниот проблем со мал број на кадар, а голем број на дечиња во една група.

-Во секоја воспитна група бројот на деца згрижени во градинка е над нормативот предвиден согласно Стандардите за ран детски развој и изнесува над 30 деца, за што согласно Закон за заштита на деца (член 64, став 5) двете установи имаат добиено Одлука за согласност од основачот на истите. Имајќи го во предвид фактот дека проблемот со недостиг на просторни капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст е генерален проблем со кој се соочуваат сите општини во Република Македонија, но истовремено е и проблем кој во континуитет се провлекува во општината Кисела Вода особено во делот на долгите листи за чекање за уписи на деца во постоечките објекти, општина Кисела Вода во изминатиот период во соработка со ресорните институции презеде активности за изградба на 2 нови градинки, но и оспособување на нови простории во јавни објекти на територијата на општината за оваа намена. Воедно согласно потребата од зголемување на наставен кадар во јавните детски градинки,од страна на градинките и општината до Министерството за труд и социјална политика континуирано се доставуваат барања на согласности за вработување/ ангажирање на лица на различни работни места во јавните детски градинки, а во насока на надминување на проблемот со малиот број на кадар и обезбедување на потребната воспитно згрижувачка дејност, велат за КУРИР од кабинетот на градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски.

naumoski-rosica

На територијата на општина Ѓорче Петров постои една градинка „Росица“ со своите пет клонови: „Кокиче“, „Детелинка“, „Калинка“, „Пампурче“ и „Рипчиња“. На листата за чекање се 500 дечиња.

Од  Ѓорче Петров се свесни и за големиот проблем со потреба од нови вработувања.

Општината неколку пати побарала зелено светло од МТСП, но од министерството изгледа не покажале заинтересираност за решавање на овој голем проблем.

-Општина Ѓорче Петров во соработка со градинката редовно испраќа барања до Министерството за труд и социјална политика за финансирање нови вработувања, според бројот на децата кои престојуваат во градинките, но до сега не се добиени согласности за нови вработувања. Меѓутоа, во корист на најмладите и заради подобрување на квалитетот на работа, општината веќе вработи 13 нови негувателки и воспитувачки. Континуирано сме фокусирани на подобрување на состојбите, и во таа насока, веќе работиме на отворање нови капацитети  со кои значително ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат за упис, велат од кабинетот на градоначалникот Наумоски, во изјава за КУРИР.

marin-caroska

На територијата на општина Аеродром постојат две детски градинки – „Буба Мара“ со пет клона („Буба Мара“, „Пчелка 1“, „Пчелка 2“, „Сонце“, „Лавче“, како и Центарот за ран детски развој „Слонче“) и „Срничка“ со шест објекти („Калинка“, „Чекорче“, „Изворче“, „Бамби“, „Црвенкапа“, „Лале“).

Родителите на 250 деца, чекаат место за упис во некоја од овие предучилишни установи.

-Моментално на листата на чекање во ЈУДГ „Буба Мара“ има околу 220 децa, а во ЈДГОА „Срничка“ околу 30 деца. Најмногу деца на листа на чекање има во градинката „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче. Токму затоа, општината со сопствени средства започна изградба на нов објект во рамките на таа градинка, кој ќе го зголеми згрижувачкиот капацитет за 200 деца со 8 занимални со сопствени санитарни јазли и кујна на вкупна површина од 1.500 квадратни метри, велат од кабинетот на Марин, за КУРИР.

Иако веќе цела година, Марин е градоначалник на општина Аеродром, за состојбата во градинките, го обвинува својот претходник.

-Недостатокот на згрижувачки капацитети е проблем кој долго време се провлекува и е директна последица од долгогодишниот неплански развој на општината од страна на претходното раковоство. За да се надмине проблемот со недостаток на вработени и да се овозможи подобра грижа за најмалите, општина Аеродром обезбедува околу 30 дополнителни вработувања за градинките од сопствениот Буџет, велат од неговиот кабинет.

Од сите овие три општини ни одговорија дека се превземаат чекори за надминување на овие проблеми.

min-trud

КУРИР побара одговори и од Министерството за труд и социјална политика, кое треба да е најодговорно за соочување со овој проблем, бидејќи заштитата на децата треба да е нивна примарна грижа. Од таму, не го знаат бројот на дечиња кои чекаат на долгите листи.

-Според член 60 од Законот за заштита на децата, детските градинки запишуваат и примаат деца врз основа на пријава во тек на цела година, а запишувањето е во надлежност на градинките. Бројка постојано варира и од тие причини, за овие податоци најдобро е да се обратите во самите градинките, ни одговорија од МТСП.

Од кабинетот на министерката Мила Царовска во изјава за КУРИР велат дека проблемот е најголем во руралните средини.

-Според мапата што ја направи министерството во критични општини каде што има недостиг на сместувачки капацитети влегуваат поголемиот дел од рурални средини. Но затоа креиравме програма со која годинава се изградени и отворени детски градинки токму во руралните општини кои со години беа запоставени и имаа сериозен недостиг на капацитети за згрижување на деца. МТСП во соработка со општините досега отвори 11 градинки, а до крајот на годината планираме да отвориме уште 13 со што бројката за оваа година ќе ја заокружиме на вкупно 24 градинки од кои околу 70 % се во руралните средини, велат тие.

caroska-gradinka

Што превземате за решавање на огромниот проблем со мал број на кадар, а голем број на дечиња во една група?

-Министерството за труд и социјална политика за надминување на проблемите со недостатокот на капацитети за прв пат превзема конкретни чекори во проширување на постојните капацитети и изградба на нови. За таа цел министерството објави јавен оглас за финансирање на проекти за изградба, доградба, адаптација и опремување на објекти за проширување на капацитетите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст со средства од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2018 година. И во наредниот период продолжуваат интензивни активности за понатамошно проширување на мрежата на установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, пред сè преку буџетот на МТСП за 2019 година, ТАВ, ИПА програмата и Светска банка. Со овие активности се очекува во наредниот четиригодишен период, опфатот на деца во предучилишно образование дополнително да се зголеми за 50 %, а исто така и да се растеретат воспитните групи од поголемиот број на деца кои во моментот се згрижени во истите. Истовремено се превземаат и мерки за вработување на дополнителен кадар во јавните установи за деца.   Од почетокот на годината до сега МТСП обезбеди согласности за 1.025 вработување на воспитувачки, негователки и друг пероснал во градинките, одговараат од кабинетот на Царовска.

Македонската јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали во градинките ширум Македонија.

За пофалба е обезбедувањето на согласности за нови вработувања, но да потсетиме дека изминатиов период многу негователки и воспитувачки, кои со години се грижеа за дечињата, сега останаа на улица. Сите јавно обвинија дека на нивно место, Царовска вработува партиски кадри на СДСМ.

Најпрво се избрка 8 вработени од градинката „Димче Мирчев“ без притоа да им биде дадена никаква најава.

Две воспитувачки од градинката „Снежана“ во Чаир останаа без работа. Ова не беше прв случај на отпуштања од работа на воспитувачки и покрај тоа што им било ветувано дека нивниот работен статус ќе биде регулиран.

Уште еден пример кој ја потресе македонската јавност беше што жена која беше вработена со договор на дело, во градинката „Весели цветови“ кај објектот „Мимоза“ во Кисела Вода, по истекот на договорот не доби продолжување. Денот кога жената го доби решението дека нема да и се продолжи договорот доживеа мозочен удар од кој и почина.

vospituvacki-izbrkani-1400x888-700x444

Седум негувателки и воспитувачки од градинката „Прва радост“ од Василево останаа без работа. Тие биле известени дека договорот им завршува и дека истиот нема да биде продолжен. Дел од нив во оваа градинка работеле од самото нејзино формирање. Веќе следниот ден, на нивно место биле ангажирани други лица.

Скандалозното однесување на негователката од Гевгелија, ги вознемири сите. На социјалните мрежи беше објавено видео во кое таа му се обраќа на детенце со зборовите: Кучко една, краво…

dete-iskasano

Мајка од Центар своето дете од градинка си го земала како да го однела на борба, а не на чување.

Девојчето било изгризано на неколку места на грбот, а на главата имало хематом и од Детска хириргија им предложиле на родителите да го снимаат. За среќа, снимките не покажале негативнен наод.

Случајот е толку сериозен, вели мајката, што и самите лекари од Детска хирургија го пријавиле во полиција.

„Ова е основна негрижа и згора на сѐ лажење, а ние никогаш нема да дознаеме што точно се случило со нашето дете. Прашањето е што правеле воспитувачките додека ќерка ми била загризана не еднаш, туку два пати, додека била изгребана и додека паднала со глава (веројатно, според ударот) на под? Демек не плачела? Каде биле тие? Зошто се обидоа да ја скријат вистината со муабетот дека “веројатно е пролазена од нешто?!”
Во меѓувреме, педагогот на градинката, инаку во моментот на дигање телефон веќе добро запознаена со случајот, како од пушка ни кажа дека воспитувачките се оградуваат од било каква одговорност, и рекле дека детето било така донесено сабајлето (?!). Како воопшто таа знае за случајот, ако таму ништо не се случило? Вработените во градинката, секако, се штитат меѓу себе. После сѐ ова, револтот е голем и случајот сакаме да го истераме до крај, па секој правен совет од било кој тип би ни бил добредојден“, напиша мајката на Фејсбук, а нејзината приказна и фотографиите од „полазеното“ бебе ги пренесуваме интегрално.

Летово и МВР обелодени уште еден скандал.

Секторот за внатрешни работи Штип поднесе кривична пријава  против  Б.С. (59) и Р.В.(59), двете од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „запуштање и малтетирање на малолетно лице“.

-На 05.07.2018 година  во времето од 07:00 до 14:30  часот во Штип во детска градинка   пријавените, вработени како згрижувачки работник – неговател,  додека биле  на своите работни места, дозволиле двегодишно дете да се здобие со телесни повреди нанесени од страна на друго малолетно дете, згрижено во истата група, информираат од МВР.

Последен во низата скандали се случи во градинката „Буба Мара“, главното седиште во Ново Лисиче. Две негователки грубо се однесувале кон деца, и според обвинувањата,  истите биле затворани во шкафче да ги јадат бубачките.

Ова за „Фокус“ пред неколку дена го раскажа мајката Маја Ѓеорѓиева, чија три и пол годишна ќерка била запишана во градинката.

-Тоа што се случува во градинката е навистина страшно. Пред извесно време, мојата ќерка била удрена со боичка по главата. Останатите кои биле темпераментни, биле затворани во шкафче, да ги јадат бубачките, раскажува Маја.

Нејзината ќерка три седмици оди во градинка, но како што вели, девојчето е исплашено поради односот на негователките и учителките.

-Во една ситуација, мојата ќерка била тепана од негователките, поради тоа што спуштила креветче и при тоа, устата и ја затвориле за да не се слуша кај што плаче. Минатата среда беше толку истрауматизирана, што во раце ми спиеше, додава Ѓеорѓиева.

Маја испратила и писмо до Министерството за труд и социјална политика и општина Аеродром.Од двете страни, превземаа мерки.

Ова се само мал дел од огромните проблеми во градинките ширум Македонија. КУРИР ќе објави дополнителни анализи за состојбата и ќе трагаме по решение на проблемите, заедно со вас.

Нашето истражување продолжува… 

Извор:kurir.mk

Коментирај