Гувернерката на НБРМ на Форумот на централно банкарство на ЕЦБ

0
120

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија,Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Форумот на централно банкарство на Европската централна банка (ЕЦБ), којшто традиционално се одржува во Синтра, Португалија.

Годинешново издание на Форумот започна вчера и тематски е посветено на одредувањето на цените и платите во напредните економии – тема којашто во изминатиов период зазема централно место во дебатите за монетарна политика на глобално ниво. Денес, по обраќањето на претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, учесниците на Форумот дискутираат за макроекономските аспекти на оваа тема, додека сесијата и панел-дискусијата коишто ќе се одржат утре се посветени на нејзиниот микроекономски аспект. Во текот на утрешниот ден, на Форумот ќе се одржи и панел-дискусија за политиките на централните банки.

На Форумот, покрај највисоките претставници на ЕЦБ и гувернерите на централните банки, учествуваат и професори од најреномираните универзитети од Европа и САД и значајни учесници на меѓународните финансиски пазари.

Во Синтра, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе оствари и одделни разговори со повеќе гувернери на централни банки, со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации и со истакнати меѓународни експерти за монетарна политика. Нејзиното учество на годинешниот Форум на централно банкарство на ЕЦБ е уште една потврда на определбата на НБРМ да чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки.

Извор:lider.com.mk

Коментирај