ГШ на АРМ: Груби дезинформации се дека АРМ била инволвирана во „27 април“

0
70

Во врска со зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од страна на лица кои гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации кои се пласираат во јавноста, се вели во демантот од Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Оттаму информираат дека како и секогаш досега, генералштабот на АРМ во потполност транспарентно ги пренесува сите свои активности и ангажмани и е на располагање во целост да ги презентира сите податоци и да соработува со сите надлежни институции за било какви информации за наводните тврдења со што конечно ќе се стави крај на понатамошни шпекулативни толкувања.

-Во досегашното постоење на АРМ, во потполност се применуваат воспоставените принципи и постапки во хиерархијата и субординација во командувањето, при што се постапува согласно дадените законски надлежности и строго утврдени правила кои ја уредуваат оваа област. Преку пласирање на вакви неточни информации се влијае на нарушувањето на угледот на АРМ и на чувствата на припадниците на АРМ, кои со својот ангажман постојано ги потврдуваат своите определби и грижа за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, а со тоа да се  влијае и на севкупната подготвеност на Армијата на Република Македонија. Уште еднаш ги информираме сите медиуми пред објавување или превземање на вакви „ексклузивни“ вести во кои се споменува АРМ, дека веродостојни информации може да добиете од канцеларијата за односи со јавноста во ГШ на АРМ, која најтранспарентно ќе Ви ги достави сите информации за кои сте заинтересирани, се вели во соопштението од ГШ на АРМ.

Извор:kurir.mk

Коментирај