Груевски: За Македонија секогаш ќе се бориме, немаме друга земја и не сакаме да имаме! (ВИДЕО)

0
513

Веќе десет години, Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, подоцна ВМРО. Оваа година е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда  23-ти октомври, туку и очигледна е назаинтресираноста на новата власт кон одбележување на овој празник. Затоа, сме ние тука. Кога  оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник, тука сме ние, ВМРО-ДПМНЕ да го одбележиме, прославиме, да се потсетиме и инспирираме од минатото, македонското револуционерно минато за слободата на Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од денешната Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“ во Штип.

Во продолжение следува видео и интергрален текст од говорот на Никола Груевски:

Добар ден драги пријатели,
Добар ден ВМРО-ДПМНЕ,
Добар ден драги гости,
Почитувани присутни,

Веќе десет години, Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, подоцна ВМРО. Оваа година е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда  „23 Октомври“, туку и очигледна е незаинтресираноста на новата власт кон одбележување на овој голем празник и значаен ден за македонската историја. Затоа, сме тука ние. Кога оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник, тука сме ние, ВМРО-ДПМНЕ да го одбележиме, прославиме, да се потсетиме и инспирираме од минатото, од македонското револуционерно минато за слободата на Македонија.

Во годината во која новата марионетска власт, без никаква јавна дебата, без консултација со стручната и поширока јавност, без да го праша народот за тоа, во негово име потпиша договор со една соседна држава со кој објави дека до 1944 година нашата историја била дел од историјата на таа соседна држава и дека во тој правец планира да ги менува учебниците по историја во Македонија, разбирливо е зошто бегаат од прославата на овој празник. Истовремено најавија и уште една промена на учебниците по историја, по теркот на една друга соседна држава. Ова е година кога за прв пат нашата историја стана алатка за политички преговори, доаѓање и останување на власт. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт.

Ние сме партија, која гледа, која е фокусирана кон иднината, кон подобрата и поуспешна иднина на нашата држава и нашиот народ, но не бега и не се плаши од минатото и од историјата, ниту пак ја сквернави или злоупотребува. Напротив, тоа минато, и сите тие жртви, ни даваат поттик, посериозно и поодговорно да пристапуваме кон секој нареден чекор поврзан со иднината, затоа што знаеме со колку крв, со колку жртви и маки од нашите предци е стекнато она во кое денес ние слободно живееме како во своја држава Република Македонија.

Во тој контекст, се разбира дека нашата иднина ја гледаме како дел од големото европско семејство, како дел од ЕУ и НАТО и во добри односи со соседите. Но, тоа не значи дека треба да го избришеме или да се срамиме од нашето минато, или да го препуштаме други држави да ни го интерпретираат или преправаат, согласно нивните државни  интереси.

Живееме во тешки времиња, со големи искушенија и со големи идеали. Но во какви времиња живееја нашите основачи?

Основачите знаеја дека ќе треба време за да се оствари идејата, но знаеја дека најпрвин – идеја мора да има!

И ја создадоа Идејата, за Идејата потоа да ја создаде Организацијата, а Организацијата го создаде Делото! Делото е слободна, суверена и независна Македонија!

Не им беше воопшто лесно, ниту пак едноставно, но имаа решителност и одлучност. И подготвеност за високи лични ризици. Се будеа, живееја и си легнуваа со помислата на слободата и правдата, со помислата на Македонија.

Инспирираа, мотивираа, организираа, планираа, твореа и се бореа за она во што веруваа. Слободна земја на слободни луѓе! Да бидеме свои на своето. Насекаде низ својата земја, во секое село и во секој град, и дење и вечер, и во лето и во зима. Тие беа со народот, и кога беше воскликот на победата, и кога беше тагата на загубата, тие стануваа велики при најголемите искушенија и при најголемите иницијативи!

Искушенијата ги доживуваа како тест на верата, вербата и довербата, живеејќи со пулсот на своите собраќа и сосестри. И никогаш не отстапија од своето верују. И затоа победуваа и кога добиваа и кога губеа битка.

И кога го напуштаа овој свет, кога нивните очи за последен пат гледаа во соборците околу нив, во семејството над нив, или пак одеа во мир сосема сами мислејќи на децата, жената, мажот, родителите, кога им прелетуваа мислите за животот во тој последен грч, кога се збогуваа тие гледајќи во небото завршуваа со еден шепот на нивните усни – Македонија!

Знаеја дека и со својата смрт одат во победата исто како што победата значи и крикот при ослободеното село, и секогаш гласно или преќутно оставаа аманет на своите поколенија дека борбата мора да продолжи и тоа до конечната победа! Така победи идејата, организацијата и делото! Така победи Македонија!

Драги пријатели,

Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. И сето тоа им го приредуваа луѓе кои се срамеа затоа што не се како нив и мислеа дека ако нив ги оцрнат така прво ќе се прелажат себе, а потоа ќе ги прелажат и другите, ќе ги натераат другите да веруваат дека за Македонија не треба да се бориш. Каква поразителна тактика. Не им успеа.

Ние наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст. Да кажеме како било и колку им било тешко во борбата но и колку ние, денешните поколенија, сме благодарни за се што тие направија за нас и за нашата Татковина.

И затоа денес одовде, од вмровски Штип, од градот кој даде големи жртви за слободата на Македонија, и за време на периодот на активното 41 годишно делување на ВМРО, и потоа, вклучувајќи го и периодот на НО и антифашистичка борба, јас и сите ние длабоко им се поклонуваме, и со голем пиетет го потврдуваме нашиот завет – ЗА МАКЕДОНИЈА СЕКОГАШ ЌЕ СЕ БОРИМЕ! НИЕ НЕМАМЕ ДРУГА ЗЕМЈА, И НЕ САКАМЕ ДА ИМАМЕ!

Познавајќи ги жртвите и искушенијата од нашата историја и македонската борба за слобода и правда, ние денес, многу полесно ги прифаќаме сите навреди, клевети и обвиненија, сите обвинувања кои ги добиваме заради нашата посветеност и љубов кон Македонија. И велиме, да ние сме виновни за секој издигнат споменик на македонски херој кој го дал својот живот за Македонија, од сите епохи на борбата, виновни сме за секој документарен филм со кој ја откриваме вистината за македонските херои, виновни сме дека ја кренавме главата на Македонецот високо, и виновни сме дека градевме држава која чекореше напред, силна и спремна да одговори на секој предизвик, и да преживее и успее во миговите на големи предизвици. И таа наша вина, извинете, но е најголемиот комплимент кој ние можеме да го добиеме! И ние, ќе речам, парафразирајќи го Делчев, со чест и со име ја носиме таа вина.

Дами и господа,

Драги браќа и сестри,

Денес одиме по трнлив, тежок и мачен – но исправен пат! Патот мора да се изоди бидејќи друг пат нема. Идејата мора да живее бидејќи ако ја нема идејата ќе ја нема ни иднината. Делото мора да трае. ВМРО ќе го издржи и ова бидејќи има света мисија пред себе, ја има Македонија како водилка и инспирација, бидејќи без разлика на се што ќе кажат и ќе ве убедуваат – ако го нема ВМРО ќе ја нема ни Македонија!

Живееме во време кога на удар е духот на Македонецот. Нема да те скршат ако те повредат, ако те оцрнат, ако те дискриминираат, ќе те скршат само кога ќе ти го убијат духот, и кога ќе ти го убијат духот ќе ти го убијат и името!

Не 100, туку 100 илјади од нас прислушувајте, вие не можете да не заплашите, не можете да не натерате да ги свиеме главите и НЕ МОЖЕТЕ И НЕМА ДА ЈА СКРШИТЕ НАШАТА КИЧМА!

Нивното досие во кое нас не водат како македонски националисти, алудирајќи на шовинисти, е само повторување на една мрачна епоха од минатото, која ние и тоа како ќе ја издржиме, и ќе ја совладаме. Ние знаеме дека ние сме само патриоти и родољуби, кои си ја сакаат својата земја и својот народ и се подготвени на високи ризици во нивна заштита. И немаме ништо против или било што злонамерно кон другите земји и народи. Напротив.

Ако мислеа дека со фабрикувани избори и организиран изборен инженеринг ќе не поразат, ќе не срозат, и ќе го поразат духот на Македонците, им порачувам дека притиснале на копче кое само не активира да нашиот организам почне да работи со 120 отсто капацитет.

Сите можеби некогаш и оправдано скептици, како и сите оние кои подлегнале на пропагандата ги повикувам да ја видат суштината и да ја видат големата слика, и да се приклучат на ВМРО во оваа тешка битка. Битка која само заедно и обединети можеме да ја победиме. Ова не е битка на индивидуалци, или лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка на еден народ за опстанок, за индитетски и економски опстанок.

Храброста, патриотизмот, љубовта, самопрегорот ги добиваш од раѓањето па се до формирањето на личноста и карактерот и на нив не влијаат никакви притисоци. Ние со нашиот карактер и нашиот слободарски дух сме се родиле и оформиле и не ги менуваме по ни една цена.

Нивната порив и ниска страст ќе помине. Ова што денес го прават нема да се заборави! Солзите на детето и жената кои го гледаат таткото и мажот како е тепан од разулавена толпа на глутница квази јунаци не ви ги забораваме. Скршените черепи ќе заздрават, ама нема да се заборават. Запалените возила и запалените куќи нема да ги избришете од нашите спомени и нашиот непокор.

Одземените покачувања на пензиите ќе ви се паметат. Заканата за укинување на субвенциите за земјоделецот кој нема да има повисок приход од претходната година, се ваш пораз. Намалената просечна  плата, намалениот извоз, индустриско производство, девизни резерви, и севкупно намалената економија, денес го загрижуваат и притискаат народот, но за некое време ќе нагазат на вашите плеќи, нема да се заборави. Лагите кои им ги пласиравте на младите ќе ви се вратат како бумеранг.

Сликата како го спуштате македонското знаме, го кинете и поганите вечно ќе е во нашите глави. Вашите пораки за Куманово да се деси сладострастието во кое уживавте додека херои се збогуваа со најголемиот дар од Бога – животот, вечно ќе ѕвонат во нашите уши. Нема да ви заборавиме што Делчев и Даме, Карев и Александров и Ченто и Кузман, ги правите дека не се бореле за Македонија. Тивкиот плач на таткото кој е скршен затоа што ослободувате убијци на децата ќе пишти во нашата душа!

Тие пискотници, крикови, мрачни слики, ќе сведочат за едно мракобесие, и ќе бидат најдобар медиум кој ќе придонесе ова што го прават да не се заборави, и за некое време да се исправи неправдата! Кога неправдата е на сила, единствен одговор е непокорот. И стремежот правдата да се врати! И правдата ќе се врати.

Колку и да погрешија, очигледно намерно испровоцирани од кршењето на уставот и законите, од кога се виде дека оваа власт спроведува селективна правда, и ослободува најтешки криминалци и убијци, стана јасно дека веќе е бесмислено да се бара одговорност од луѓето кои борејќи се за својата земја, поведени од емоциите направија погрешни чекори на 27-ми април. Тие немаат толку мастило за родољубивиот народ од 27-ми април да го запишат на темните страни на историјата. Не! Тој сентимент, таа емоција, таа на срамен начин испровоцирана реакција која за жал доведе и до неоправливо насилство во еден дел, но во основа беше длабоко патриотска – не може да ја сквернавите. Македонскиот граѓанин кој чекореше по македонските улици 80 дена со патриотизам, со крената глава и исправена кичма, секогаш ќе биде на СВЕТЛИТЕ СТРАНИЦИ НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА, и ќе сведочи за едно време во кое една генерација рекла НЕ, а тоа е траг кој не се брише!

А оние луѓе кои ги малтретирате по притвори и затвори, ќе ја имаат нашата помош и поддршка, и ќе дојде време кога ќе се осветли и тој дел! После секој Илинден, доаѓа нов Илинден!

А вие сите ваши криминалци, убијци, дилери на дрога, силувачи, разбојници да ги ослободите – нема да го скршите нашиот дух. Духот на Македонецот е нескршлив. Нескршлив! Тој само може да се зацврстува. А Македонецот може да станува само посилен!

Ова не е битка за власт, ова не е битка за Никола Груевски, јас сум небитен, ова е битка на ВМРО, битка за Македонија!

Драги сопартијци,

Во животот не можете да одлучите само кога ќе се родите. Се друго е одлука. Ние можевме да одлучиме да не се бориме и за сметка на тоа откажување денеска ќе добиевме пофалби од секаде! Можевме да ја свиткаме кичмата, ама одбивме. Ние не сме тие кои клекнуваат на колена. Ако се бориш може да победиш или да загубиш, ако не се бориш ти уште од старт си загубил.

Можел и д-р Христо Татарчев да не го ризикува својот среден и комотен живот и да не ја основа и застане на чело на организацијата, можел и Питу да не оди на Мечкин Камен, Кузман не морал да инспирира споменувајќи ги ВМРО и Илинденците, Делчев, Груев, Александров, можеле да си бидат само учители, а не идеолози и борци на една револуција, на Ножот можеле да се предадат, можеле стотиците илјади мажи и жени да си ги вршат секојдневните работи и наместо да се борат по полињата и планините. Ама така ќе ја немаше Македонија.

Затоа ние нивните наследници, свесно одиме по овој полн со препреки пат, не заради тоа што е едноставно, туку затоа што е пеколно тешко и комплицирано, но и наша обврска истовремено. Ама одиме по овој пат. Вмровски, и со подигнато чело, додека дамарот бие. Затоа што идејата мора да живее, а Македонија и Македонецот мора да постојат!<

Драги пријатели,

Тие нема да застанат тука. Ќе има пеколни удари, ќе има и жртви и саможртви. Ама ќе издржиме. ЌЕ ИЗДРЖИМЕ И ЌЕ ПОБЕДИМЕ! Влогот е голем. Тој влог не е влог на денешницата, тој влог е вклесан во минатото од нашите предци, и ќе биде развиван од нашите деца и внуци во иднината. Тоа е Македонија! Тоа е ВМРО! Тоа е ВМРО-ДПМНЕ!

Затоа да ги збиеме редовите. Рамо до рамо, срце до срце, рака за рака. Обединети и единствени ништо не ни можат. Јадрото мора да е цврсто, затоа што ние сме слободни, слободоумни, пркосни, корави и храбри Македонци!

Ние сме партија на народот! Секој кој го има ВМРО и Македонија во срцето треба да ја подржи нашата борба. Секој еден е важен. Од секоја генерација, од секоја декада, и оние кои се високо мотивирани, и они кои се чувствуваат запоставени, разочарани, револтирани, демотивирани, и они кои се можеби и оправдано налутени, и оние кои не се налутени. Оние кои сакаат да му наштетат на некој од ВМРО, нека не му наштетуваат на ВМРО. Секој еден е важен! Имаме иста кауза, и таа кауза секогаш се соочувала со предизвици, и секогаш имала противник, и каузата победувала!

И оние кои денес не се согласуваат со нас, но го имаат ВМРО во срцето и во душата се важни и значајни, и се добредојдени. Да одработиме за народот, за државата Македонија, не за некои други интереси.

Да ја бараме вербата за успех во себе и во другите. Ако ја имаме да ја разбудиме, ако ја немаме да ја создадеме.

Да гледаме напред, да имаме чиста мисла и нескршлив дух, да го имаме поривот за непокор, да го имаме трудот и работата како ориентир и средство за реализација на целите кои ни се заеднички. Ќе дојдат многу брзо подобри времиња за нашата партија. Верувајте во тоа. ВМРО мора да е силно и единствено, и такво и е потребно на Македонија! Сега повеќе од било кога во нашата модерна историја.

И секогаш, секогаш во срцето и во душата, во рационалното и во емотивното, во минатото, сегашноста и иднината, секогаш да ја имаме Македонија на прво место!

Сите заедно, старо, младо, машко и женско на нозе се креваме!
Да ги распееме шумите и горите да ечат за Македонија!
Ние се бориме за човечки правдини!
Нашата борба е света должност!
Да направиме македонското сонце повторно да изгрее!
Да живее ВМРО!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее вмровски, слободарски и државотворен Штип!
Да живее Република Македонија!
Да живее европска Македонија!
Да сте живи и здрави!

Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, на Внатрешната македонска револуционерна организација!

Извор: ВМРО-ДПМНЕ / Видео Вести

Коментирај