Грчките медиуми за оптимизмот за решавање на спорот – кампањи против терминот Македонија

0
527

Последните случувања во македонско-грчките односи заземаат централно место во сите грчки медиуми. Додека медиумите го пренесуваат оптимизмот на премиерот Зоран Заев дека спорот би можел да се реши во 2018, грчки организации во исто време покренаа кампања против какво било име што ќе го содржи терминот Македонија.

„Контакти на високо ниво за скопското прашање“; „Разговор на премиерот на Скопје со Ципрас и Коѕијас“; „Заев: има волја за решение“; „Оптимизам за решение на името“ – се дел од вчерашните наслови во грчките медиуми, кои ги пренесуваат изјавите на премиерот Зоран Заев од прес-конференцијата на првиот работен ден годинава.

Новинарите во прилозите детално ги пренесоа ставовите и од официјално Скопје и од официјална Атина, а акцентот го ставија на телефонскиот разговор на Зоран Заев со Алексис Ципрас и Никос Коѕијас за време на приватна посета на македонскиот премиер на Солун, јави дописникот на МИА од Атина.

Телевизиите „Антена“ и „Алфа“ го пренесоа оптимизмот на Заев дека во текот на 2018 ќе се најде решение за прашањето за името, додавајќи дека со решавањето на овој проблем, земјата ќе успее да се интегрира во НАТО и да започне преговори за интеграција со ЕУ.

Во меѓувреме, солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, во интервју за радиото на грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ рече дека прашањето за името излегло од колосек поради глупостите на политичарите.

– Прашањето за името излезе од колосек, чисто поради глупостите на политичарите. Луѓето сакаат да си најдат идентитет. Со отстапки од двете страни, но и од опозицијата, подготвени се за компромис. Господинот Заев рече дека ќе го смени името на аеродромот, ќе ги смени таблите на улиците, објаснува солунскиот градоначалник во интервјуто.

Во однос на средбата со македонскиот премиер и приватната вечера во Солун на ден пред дочекот на Новата година, Бутарис вели дека со соседите потребно е да постојат добри односи.

Костас Кацикис, пратеник на Независни Грци (АНЕЛ), десничарска партија дел од Владата на премиерот Алексис Ципрас, излезе со став дека партијата би можела да поддржи компромисно решение за спорот за името со Македонија.

– АНЕЛ ќе се приклучи кон одлуката на мнозинството. Ќе го почитуваме принципот на владеење на мнозинството, доколку мнозинството одлучи да оди против националниот интерес, изјави Кацикис.

Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, пак, во повеќе наврати во изминатите неколку недели нагласи дека нема да поддржи решение ако тоа го вклучува зборот „Македонија“.

Makedonija-Elada-kampanja

Последните случувања меѓу Македонија и Грција и оптимистичките најави од двете страни дека 2018 би можела да биде година кога ќе се затвори долгогодишниот спор за името, ги мобилизираа грчките патриотски здруженија и организации.

Демонстрации во северна Грција, резолуции, собирање потписи, барање за референдум и неприфаќање на какво било име со терминот Македонија, како што јавува дописникот на МИА од Атина, се дел од најавените активности во рамки на кампањата под името „Македонија значи Грција“.

„Грчката федерација на културни здруженија на Македонците“, заедно со грчките здруженија и организации од дијаспората се главните организатори на активностите, а како медиумски покровители се појавуваат околу 60 медиуми од северниот дел на земјата.

Веќе имаат изработено сајт, видео спот, резолуции испратени до претседателот, премиерот и Парламентот на Грција, но и најава за првиот собир. За вчера беше закажан првиот протест во грчкиот град Скидра (Вртикоп), додека, пак, за еден месец најавуваат голем собир во Солун.

За кампањата и активностите на грчките организации, освен 60-те медиумски покровители, кои во најголем број се локални портали и радија од северниот дел на Грција, јавија и грчките телевизии Стар и Скај.

Аналитичарот Тасос Хаѕивасилиу за телевизијата Скај вели дека овие активности не можат да ја имаат силата како пред 20 години.

Коментирај