Грчки портал: „Скопјани“ огорчени, а молчат за „Лав на Свети Стефан“ во Софија

0
1114

Неодамнешното поставување на споменикот „Лав на Свети Стефан“ во Софија, на кој е врежана картата на Голема Бугарија, која ги вклучува денешна Република Македонија, како и делови од Србија, Романија, Грција и Албанија, е тема на анализа од грчкиот портал „Микрометоксос“, кој се осврнува и на молкот од македонска страна.

„На ‘Скопјани’, иако огорчени од наменски поставената карта на Голема Бугарија, сè укажува дека им е важно само да не се расипе ‘добрата’ атмосфера во односите на новата влада со Софија. Всушност, да не го изгубат ‘ветувањето’ што им го даде бугарската влада за поддршка на кандидатурата за НАТО и за ЕУ. Високо ризичен потег од Софија, бидејќи ќе ги наруши своите односи со најсилниот играч на Балканот, Атина. Покрај тоа, со неодамнешниот договор со Скопје, Софија целосно триумфира. Дури и премиерот Зоран Заев беше принуден да потпише дека неговата земја ќе се откаже од иредентистичките аспирации на БЈРМ за ‘македонско’ малцинство во Бугарија“, пишува порталот.

Споменикот на лав што со левата шепа е потпрен на штит со карта на санстефанска Бугарија беше поставен на почетокот од месецов во паркот пред Националниот дворец на културата во Софија, во кој во мај 2018 година ќе се одржи самит во рамките на бугарското претседавање со Европска унија. По неформални канали реагираа Грција и Србија, на што бугарскиот вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана Красимир Каракачанов одговори дека „не можат секому да му угодат“.

Извор: Експрес.мк

Коментирај