Горазд Росоклија: За Македонската интелектуална елита

0
219

Учевме дека интелектуалните елити ги создаваат националните и универзалните вредности, ги воспитуваат генерациите врз тие вредности и ја мотивираат нацијата за одбрана на вредностите и запазување на националниот идентитет.

Учевме дека секој од нас, на позиција на лидер во својата област, мора да има визија за иднината, план и тим за остварување на таа визија.

Ако академските, интелектуалните и професионаните лидире биваат избрани според овие критериуми, политичарите би биле слуги или послушници кои ги спроведуваат идеите на мудрите. Ако немаме интелектуални, академски и професионални лидери во општеството и во политичките партии, нашата судбина е одредена од способностите и карактерите на политичарите. Паметни или непаметни, со или без визија, чесни или нечесни.

Во Македонија, „библиска и чудесна“, наместо елитите да го воспитуваат народот, народот (безуспешно) се обидува да ги воспита сопствените елити, особено политичката, академската и новинарската, за вредностите создадени од нацијата и потребата да бидат зачувани.

Ваквата состојба може да биде чудна само за странец кој не ја знае историјата на Македонија, „чудесна и библиска“. Ако ги изземеме исклучителните поединци во нашата историја, македонските елити секогаш го продале интересот на народот, било заради кукавичлук било за да остварат личен профит.

Од Илинден, кога интелектуалната елита не мрднала со малиот прст додека крварел народот, до денешниве меѓусебни пресметки и залагања на самопрогласените интелектуална, академска и политичка елита, за бришење на македонскиот национален идентитет.

Овие елити немаат амбиција, а немаат ниту капацитет да бидат лидери на нацијата. Животна цел им е нивното гранапче да им носи профит, а името ќе му го менуваат според желбата на оној што нив ги поседува и ги плаќа.

Македонските елити се морално инфериорни во однос на обичниот граѓанин, немаат никакви значајни резултати во областите за кои се претпоставени експерти, најмалку се елитни и нацијата нема никаква полза од нив.

Колку личности со значајна функција во јавниот живот, имаат зад себе професионален успех кој достигнува барем балканска вредност? А европска вредност? А светска вредност? Кога една нација ќе почне да мисли, никој не може да го спречи нејзиниот развој. Викаат дека Волтер ја мотивирал Франција да мисли. Во Македонија секој гради личен култ на Волтер, а малкумина имаат личност.

*Овој текст сум го објавил во 2013 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Повторно да го објавам ме инспирира македонскиот народ кој со бојкотот на референдумот кога му беше понудено да го изгласа своето непостоење покажа дека МИСЛИ, но и изјавите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ кои се контрадикторни. Од една страна аргументираат дека народот на партиите не им дал овластување да преговараат за неговиот идентитет, што е апсолутно точно, а од друга страна најавуваат дека кога тие ќе бидат на власт, ќе се изборат за подобар договор? Очекуваат дека народот ќе ги овласти да преговараат или да се пазарат со неговиот идентитет? Што е тоа што ќе го договараат ако знаеме дека грчкото барање е многу едноставно, непостоење македонски национален идентитет?

Фејсбук објава на Академик Горазд Росоклија

Коментирај