И годинава немаа среќа: Вардар по вторпат се враќа со сребро од Будимпешта

0
271

Продолженијата во финалето на лигата на шампионите повторно беа пречка за Вардар да ја освои европската круна. И годинава мораше да играат продолженија, повторно против Ѓер и повторно да останеме само европски вице прваци. Во финалето на Ф4 турнирот Ѓер победи со 27-26 (20-20, 9-9).

Ова е првпат една екипа да ја одбрани титулата во женската лига на шампионите откако се игра овој формат на натпревари. Вардар е единствениот тим што има пет настапи на Ф4 турнирите, но остана без титулата што толку ја посакуваше.

Можеби сѐ ќе беше поинаку доколку последниот напад во контра завршеше со гол, но ударот на Андреа Чанаџија заврши во голманот Ева Кис. Слично како и лани и годинава Вардарки имаа шанса уште во регуларниот дел од натпреварот да завршат сѐ во нивна корист, но во последните девет секунди не успеаа да направат акција од која ќе реализираат, а наместо удар судиите свиреа чекори.

Неизвесноста од 2х5 минути секогаш значи и игра на нерви, па оние што се поприсебни имаат предност. Едуарда Аморим даде четири гола во тие дополнителни десет минути, од што три во првите пет. Вардарки имаа загубени топки, а противникот тоа знаеше да го искористи. Ѓер поведе со 26-23 во втората минута од второто пордолжение, а тоа изгледаше како крај на сѐ. Но, Црвено-црните се вратија, покажаа дека имаат сила за пресврт, но токму во последните секунди немаа концентрација.

Две различни полувремиња од регуларниот дел. Во првото Ѓер беше подобар, имаше водство кое на полувреме сепак можеше да биде во корист на нашиот тим. Вардарки не се навикнати на судискиот критериум да се дозволи „помашка игра” што успешно го користеа домашните ракометарки.

Амандин Лејно имаше вкупно 16 одбрани на средбата, но тоа не беше доволно за златото што сите го посакувавме. Во второто полувреме од регуларниот дел Вардар имаше предност, што на крај можеше да го круниса и со шампионски гол, но не стигнаа да упатат удар, исто како и лани.

Но, ќе остане забележано дека Вардар е единствениот тим што на сите настапи на Ф4 турнирите бил на победничкиот пиедестал, трипати бронзен медал и два пати сребро.

Извор: ЖРК Вардар

Коментирај