Го копира Снепчет: Инстаграм воведе приватни пораки кои „исчезнуваат“

0
450

Во борбата за превласт со светот на социјалните медиуми, важи правилото „ако не можеш да ги победиш, приклучи им се“. Токму тоа го направи Инстаграм со новите опции кои ги воведе за своите корисници.

Едната се видеата за пренос во живо, кои потсеќаат на веќе постоечката опција на Фејсбук и другата се приватните пораки кои исчезнуваат.

Првата опција и не е толку зачудувачка, затоа што станува за опција којашто има голем подем на Фејсбук, компанијата која го поседува Инстаграм, додека втората опција неодоливо многу потсеќа на популарната апликација Снепчет.

Опцијата за испраќање приватни пораки ќе биде овозможена преку приватните пораки, а моменталниот број на корисници кои испраќаат приватни пораки на Инстаграм е 300 милиони луѓе месечно, што значи дека тие имаат веќе добра основа на корисници на новата услуга.

“Сега можете да испраќате што ќе посакате – од внатрешни шеги до вашето најлошо селфи. За разлика од директните пораки, овие фотографии и видеа ќе исчезнат откако вашите пријатели ќе ги видат. А, ќе добиете и порака доколку тие направиле скриншот”, се вели во соопштението на Инстаграм.

Според Инстаграм, опцијата за приватните пораки започнала во понеделникот, додека опцијата за пренос во живо ќе се надградува кај корисниците од целиот свет во текот на наредните неколку недели.

Коментирај