Гериз до Заев: Размисли со кого садиш краставици. Оти, ја знаеш народната – со кого садиш, такви ќе ти никнат!

0
407

Бранко Героски, во својата колумна објавена во Плусинфо.мк му се обраќа на Зоран Заев алудирајќи на односот на власта кон медиумите и новинарите советувајќи го дека треба да размисли со „кого сади краставици“.

„Послушај го ти советот на едно „старо дртало“ со „Алцхајмер“ и размисли добро со кого садиш краставици. Оти, ја знаеш народната – со кого садиш, такви ќе ти никнат!“ му пишува во колумната Героски на Заев.

„Јас навистина не знам кој точно во СДСМ и во Владата го креира односот на власта кон медиумите и кон новинарите, ама она што се случува во последно време навистина е страшно. Обидот на некои луѓе од власта да факторизираат маолумници и лумпен-новинари, како и поранешни слуги на режимот кои ги уриваа сите етички стандарди на нашата професија, сериозно ги деморализира новинарите во сите медиуми, а особено оние кои посветија цела една деценија во неуморна борба против режимот на Никола Груевски.

Пред неколку дена, пи-ар службата на Владата организираше средба на „група уредници на највлијателните медиуми“ (така ми беше кажано кога бев поканет) со премиерот Зоран Заев, на која требаше и се разговараше за најважното политичко прашање во овој момент, спорот со Грција. Бев изненаден кога сфатив дека списокот на „највлијателните“ се проширил на триесеттина новинари и уредници. Но, изненадувањето премина во вистински шок, кога забележав дека меѓу „водечките“ уредници е и еден малоумник, кој со години води пара-медиум што служи за јавно пичкарање на луѓе кои не му се по волја и за рекетирање на фирми и поединци, како и една дама која со години беше на чело на портал (спонзориран од Американците!), со задача постојано да ја напаѓа тогашната опозиција, да шири лажни вести и говор на омраза.

За разлика од овие највидни егзамплари на новинарското бесчестие, на средбата не дојдоа (не биле повикани?) неколку врвни уредници и новинари, кои очекував да ги видам на маса. Ако пи-ар службата на Владата сакала да направи некаков „баланс“, па важните информации да ги сподели и со поранешните провладини медиуми, тогаш требала да собере храброст и да ги покани Драган Павловиќ Латас, Миленко Неделковски, Мирка Велиновска и некои други „тешкаши“, а не сите нас да нѐ резили да се дружиме со малоумници и со опскурни личности во нашата фела!

Milcin-Geroski

Уште поголема, непростива грешка е ангажирањето на Соња Крамарска, поранешната уредничка на „Утрински весник“, во Министерството за одбрана. Колегите од „Утрински“ Крамарска ја паметат како фигура која одигра клучна улога во уривањето на имиџот на весникот, кој некогаш важеше за благо критички настроен кон власта, за потоа, под нејзино водство, да стане маша на фамилијата. За тоа слушнавме и директни сведоштва во „бомбите“ на Заев. И наместо да реагира на острите реакции на социјалните мрежи и да ја поправи својата грешка, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на телевизијата 24 Вести срамно и упорно ја бранеше Крамарска, ставајќи ги сите новинари во ист кош – оние кои одлучно се бореа и се жртвуваа меѓу другото и за тоа Заев и Шеќеринска да дојдат на власт заедно со оние кои истураа отрови кон тогашната опозиција и верно им служеа на Груевски, Мијалков и на другите.

Другар Заев, веќе немам на кого друг да се обратам освен на тебе. И немам друг начин да го сторам тоа, освен вака јавно (јас и ти не сме разговарале тет-а-тет од пред локалните избори и по сѐ изгледа, според твојата волја, веќе нема ни да разговараме). Значи, морам јавно да ти кажам дека ова однесување на твоите најблиски соработници кон медиумите и кон новинарите е скандалозно. Извини, ама ова веќе не се обични гафови, туку систем на факторизирање на вашите стари послушници и апологети (за време на режимот таквите ги викавме „куртони“, нели) и на прекоманда на старите вмровски новинарски маши на нови задачи.

Не сфаќам каков ќар имаш ти, другар Заев, од оваа идиотска операција и во што те убедиле луѓето кои во твое име и за твоја сметка го креираат овој однос кон новинарите и кон медиумите, ама ти мора час поскоро да сфатиш дека ова е јебитачно, ова е одвратно, ова е шокантно, ова е интергалактички штетно. Послушај го ти советот на едно „старо дртало“ со „Алцхајмер“ и размисли добро со кого садиш краставици. Оти, ја знаеш народната – со кого садиш, такви ќе ти никнат!“ пишува Героски во колумната објавена на „Плусинфо“.

Коментирај