ГАЗЕЊЕ: Вардар го совлада германскиот шампион

0
274

Европскиот и македонски шампион Вардар ја постигна и седмата победа во групата А од Лигата на шампионите откако попладнево во рамките на 8.коло на домашен терен во исполнетата сала во СЦ „Јане Сандански“ го совлада првакот на Германија Рајн Некар Ловен со 30:26 (17:13).

„Вардарци“ водството го имаа во текот на целиот натпревар и заслужено стигнаа до победата и сега се зацврстија на првото место во групата со 15 бодови. За Рајн Некар Ловен ова беше прв пораз во групата и остана на втората позиција со 11 бодови.

Европскиот шампион на стартот од натпреварот тргна силно и тренерот на гостите Николај Јакобсен пред истекот на 10 минута беше приморан да го побара првиот тајм аут, откако резултатот на семафорот беше 6:3 за „црвено-црните“. Избраниците на Раул со колективна игра и силна одбрна пред се ја продолжија серија голови и во следните десет минути, па гостинскиот тренер мораше пак да бара тајм аут во 20.минута при резултат 13:7 за Вардар. Брзо потоа Вардар имаше и највисоки +7 (15:8). До крајот на првиот дел германскиот првак успеа да го намали водството на Вардар и на полувреме беше 17:13.

На почетокот на вториот дел се играше „гол за гол“. По тајм аутот на Раул во 43.минута европскиот првак го „зададе завршниот удар“ и со головите пред се на Вуко Борозан и на Стојанче Стоилов, Вардар пак ги имаше највисоките +7 од првиот дел, овојпат (27:20 во 51.минута). До крајот на дуелот РНЛ само успеа да го ублажи поразот.

Најефикасни кај Вардар беа Борозан со 7 голови и Иван Чупиќ со 6, додека Арпад Штербик дуелот го заврши со 10 одбрани. Кај Рајн Некар Ловен најефикасен беше Рафаел Баена со 5 голови, додека македонскиот репрезентативец Филип Талески имаше мала минутажа кај германскиот првак.

Вардар на овој натпревар настапи без повредените Лука Циндриќ и Фереира Мораеш, следниот натпревар Вардар го игра на 26.ноември против истиот ривал на гостински терен.

Коментирај