Галичкиот кашкавал потона со Титаник

0
697

Во записот на Британецот сер Семјуел стои дека „тврдото сирење“ (15 тони кашкавал) било складирано на „Титаник“ и било предвидено како дел од ексклузивното мени на многубројните салони и тераси на бродот.

Во Кралската и национална библиотека на Велика Британија, која располага со илјадници оригинални ракописи и записи од најразлични епохи на човештвото: од Египет до Персија, Индија и Кина, Лао Це и Плутарх, Александар Велики и Римското царство, големите венецијански трговци, Леонарди да Винчи и Картагина, од елинистичката култура и наука, Наполеон и Кутузов… има и записи за трагедијата на бродот „Титаник“ во 1912 година.

Некојси Сер Самјуел, роден во 1854 година, инвеститор во градбата на Титаник, непосредно пред завршните работи на големиот брод – најмоќниот пловен објект, за кој многу е пишувано, особено за неговиот раскош, се сретнал со некојси Ламби (Ламбе), трговец со ексклузивна стока, кој допатувал од Русија.

Според записот што Сер Самјуел го оставил по неговата смрт, а се наоѓа во Кралската библиотека на Британија, Ламби бил постар човек, со мустаќи и густи веѓи. Во Русија дошол од јужниот дел на Балканот, западно од Скопје, блиску да границата со Албанија. Бил роден во село со развиено сточарство, со многу овци и добиток што се напасувале по планинските непрегледни ледини.

Сер Самјуел раскажува дека во таа пригода Ламби му говорел за некое трајно тврдо, жолто „сирење“, кое може да се најде на трпезите на големиот „Титаник“…

Меѓутоа, откако се договориле, Ламби ветил дека по шест месеци ќе го донесе производот. И така се случило. Ламбе се вратил во Галичник и со натоварени коњи ги минал планински масиви кон Албанија до пристаништето Драч. Оттаму со брод до Италија, а потоа Франција и преку Ламанш, со стоката пристигнал во Англија.

Крајно возбуден, сер Самјуел не само што се радувал на ексклузивниот производ и великодушно го платил, туку ја купил и другата стока со која тргувал пријателот Ламби. Во записот на Британецот стои дека „тврдото сирење“ (15 тони кашкавал) било складирано на „Титаник“ и било предвидено како дел од ексклузивното мени на многубројните салони и тераси на бродот…

И по 120 години од потонувањето на првото пловење на величенствениот брод „Титаник“, мистеријата не е откриена. Се откриваат многу тајни, занимливости за патниците, за судбини, за неискажана љубов, за очекувања, како и оваа за галичкиот кашкавал.

Утрински весник 2013

Коментирај