Galaxy S8 ќе има Edge дисплеј

0
467

За Galaxy S8, гласините само што почнуваат да се разгоруваат. Нова информација вели дека уредот ќе доаѓа во две изведби, но за разлика од актуелниот модел во овој случај и двете ќе имаат заоблен “Edge” дисплеј на краевите.

Според истата информација, екраните на Galaxy S8 и S8 Plus ќе бидат многу поголеми, односно едниот ќе има 5,7 а другиот 6,2 инчен дисплеј. Ова е малку тешко за верување, бидејќи последниве неколку години смартфоните се стационираа на големина на дисплеите од 5 до 5,5 инчи и лично не гледам причина Samsung да направи толкав скок во димензиите.

Сепак, според истите информации, корејскиот гигант ќе ги дизајнира телефоните така да тие скоро и да немаат рамка околу дисплејот, слично како Xiaomi Mi Mix. Ова може значително да ги намали димензиите на уредите и покрај големите дисплеи, па 6,2 инчен Galaxy S8 би имал димензии како 5,5 инчниот iPhone 7 Plus.

Доколку имаат дизајн без рамка околу дисплејот, новите Galaxy S8 веројатно конечно ќе имаат виртуелни копчиња за навигација во самиот оперативен систем, нешто што веќе го прифатија многу од другите производители на Android телефони. Исто така, читачот за отпечатоци би бил сместен во самиот дисплеј, што ќе биде и една од главните иновации.

Сите овие информации и гласини сепак земете ги со задршка, бидејќи има уште скоро 5 месеци до лансирањето на новите знаменосци на Samsung и не можеме да бидеме сигурни во се што ќе биде напишано на интернет. Но, едно е јасно – Samsung дефинитивно мора да предизвика “WOW” ефект кај купувачите по проблемите со Note 7.

Извор: Venture Beat, The Next Web, Droid Life

Коментирај