Фрчкоски: Владата создаде Совет за реформи со кој што не знаеше што да прави и се исплаши од неговите решенија

0
535

Владата создаде совет со кој што не знаеше  што да прави. Бидејќи кога ќе создадете таков совет од таков карактер на луѓе и експертски профил на луѓе вие  мора  да очекувате дека тој совет ќе расправа суштествено за некои прашања од реформата, изјави универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Фрчкоски кој е дел од советот за реформи на  владата на СДСМ потенцираше дека проблемот е во тоа што се случил блокирачки судир помеѓу советот и послабите интелектуално експертски групи на Министерството за правда и бирократијата.

– Мислам дека владата се исплаши практично од можноста советот да продуцира одредени решенија наместо да најнормални ги прифати тие негови ставови и одлучи што ќе прифати, што не,  потенцираше Фрчкоски.

Тој додаде дека иако тие не биле луѓето кои одлучувале каква ќе биде владината политика, сепак добро би било да постои еден резервоар на идеи и решенија кои на бирократијата не можат да им текнат по логика на знаењето и на експертизата.

– Штета што тоа не беше искористено и се претвори во некако судир на советот и луѓе од советот со заменик министерот за правда, со некои стручни таму соработници. Тоа се претвори се во една досадна македонска шема, истакна Фрчкоски.

Претходно советот го напуштија професорката Мирјана Најчевска и  професорот по Казнено процесно право на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев.

Најчевска изјави дека советот е формиран само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството.

– Фактички ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат. Јас како независен експерт и како универзитетски професор немам намера да служам за залажување на граѓаните и не дозволувам моето име да биде искористено во политичките промени кои се нарекуваат правни, нагласи Најчевска.

Калајџиев откако поднесе оставка изјави дека Советот повеќе постои како декор на Министерството и Владата отколку како на вистински Совет за реформи.

– Моето лично убедување е дека има некои чудни центри на моќ кои работат на реформите без транспарентност. Нашето учество таму секако беше базирано и на добра волја и ако не чувствувам дека има добра волја и од другата страна немам ни причина да учествувам, рече проф. Калајџиев.

Коментирај