ФОТО: Средбата во тек – Лидерите на партиите седнаа на маса во Клубот на пратеници

0
721

Во тек е лидерската средба во Клубот на пратеници.

По 15-тина часа од завршувањето на лидерската средба во проширен партиско-пратнички состав, предмалку во Клубот на пратениците почна новата рунда разговори, овојпат само меѓу лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Билал Касами. Ваквиот формат на лидерската средба синоќа го побара Мицковски, по напуштањето на состанокот.

Се очекува и денеска партиските лидери да дискутираат за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно за формулацијата на референдумското прашање.

На средбата во Клубот на пратеници Заев е придружуван од вицепремиерката Радмила Шекеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети е со вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Кастриот Хаџиреџа. На партиите на Албанците од опозиција им било оставено сами да се договорот кој ќе ги претставува на денешниот состанок.

Инаку, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, вчера по нешто повеќе од еден час присуство, ја напушти лидерската средба која се одржа во Клубот на пратениците. Во својата изјава тој испрати порака и до премиерот Зоран Заев.

-ВМРО-ДПМНЕ беше дел од таканаречената средба овде во Клубот на пратеници, заедно со претседателите на повеќе политички партии. Навистина за нас не беше јасен концептот зошто сите политички парламентарни партии не се застапени на овој состанок и добивме објаснување кое навистина не можевме да го прифатиме во стилот во кој ни беше објаснето, истакна вчера Мицкоски.

Претседателот на партијата подвлече дека како партија изразиле сериозен револт и негодување на, како што рече, девијанстното однесување на владини претставници и парламентарното мнозинство во текот на завчерашниот ден.

-На неделовнички начин, на начин кој досега не беше пракса во политичкиот живот во Република Македонија се усвои потребата од промена на Изборниот законик без поддршка на најголемата опозициона партија, а се со цел да се намали бројот на потребни пратеници кога се усвојува составот на ДИК од 81 на 61 пратеник. Ние како ВМРО-ДПМНЕ изразивме револт по ваквото однесување, ги кажавме причините поради кои го напуштаме овој состанок на парламентарните политички партии кои беа поканети, им се извинуваме во наше име на сите парламентарни партии кои не беа дел од овој состанок, навистина не бевме во можност да делуваме и во нивно име протестираме, нагласи вчера Мицкоски.

Тој вчера го повика претседателот на Владата, Зоран Заев во најскоро време, односно во текот на денешниот ден или не подоцна од понеделник, да организира лидерска средба во формат кој не би надминал повеќе од четворица.

-Како што беше праксата и до сега, односно најголемата политичка партија која ја сочинува владата, најголемата политичка партија на Албанците во Република Македонија која е коалиционен партнер во владата, најголемата опозициона партија, во случајот тоа е ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициона партија на Албанците во Република Македонија да седнеме, да разговараме отворено за сите оние отворени прашања кои му претходат на формирањето на новиот состав на ДИК, па дури потоа да дискутираме за формирањето на новиот состав на Комисијата, потенцираше вчера Мицкоски кој изрази надеж дека ќе преовладува разумот и мудроста кај владата.

Извор: Курир / Насловна: МИА

Коментирај