ФОТО: Конечно откриена тајната: Како камените плочи од Стоунхенџ патувале 230 километри по копно?

0
265

Стоунхенџ е една од најпознатите и најмистериозните градби кои некогаш постоеле на Земјата, од многу очигледни причини. Оваа структура се наоѓа во Англија, но камењата потекнуваат од западен Велс, оддалечен 230 километри од Салисбури – местото каде се наоѓа Стоунхенџ.

Неодамнешно истражување откри нови докази за тоа како камените плочи биле пренесени од Велс до Салисбури. Според него, тие дошле по копнен пат, а не по воден, како што се веруваше претходно.

„Она што е навистина интересно околу овие откритија е дека тие нѐ носат чекор поблиску до откривање на најголемата мистерија околу Стоунхенџ – зошто неговите камени плочи доаѓаат од толку далеку? Сите останати мегалитски структури во Европа се изградени од материјали оддалечени не повеќе од 15 километри оддалеченост“, вели главниот автор на истражувањето, Мајк Паркер Пирсон.

Камените плочи биле многу лесни за отстранување, бидејќи веќе биле вертикално поставени. Користејќи дрвени клинови, работниците ги одвоиле камените плочи, пред да ги стават на балвани или дрвени приколки на кои биле однесени до денешна Англија. За разлика од камењата во египетските мегалитски структури, оние во Стоунхенџ биле многу полесни за обработка и транспорт, пишува во истражувањето.

Иако геолозите одамна знаеја дека помалите камени плочи во Стоунхенџ потекнуваат од денешен Велс, новото истражување ја откри нивната точна локација: ридовите Пресели во Пемброукшир, западен Велс.

А што се однесува до периодот кога тие биле пренесени во Англија, истражувањето вели дека тоа се случило околу 3.000 година п.н.е.. Стоунхенџ бил изграден некаде помеѓу 2.900 и 1.650 година п.н.е., а ден денес илјадници туристи секоја година го посетуваат ова парче историја.

Извор: kurir.mk

Коментирај