Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за една година одзел 50 инвалидски пензии

0
456

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување само за една година одзел 50 инвалидски пензии, дознава 24 инфо. Од Фондот ја потврдуваат информацијата и велат дека пензиите се одземени поради тоа што Комисијата за оцена на работна способност оценила дека кај корисниците се констатирало дека не постои инвалидност односно неспособност за работа.

Граѓаните кои се корисници на одземените пензии велат дека не им е јасно како инвалидитетот може да „помине“ и одеднаш да се способни за работа. Во исто време не знаат како ќе преживеат бидејќи фирмата во која работеле или институцијата не е обврзана истото лице да го врати на работа, а пензијата му се укинува.

Врз основа на евиденцијата на Фондот, во периодот од 01.01.2018 до 31.12.2018 година, на 50 корисници на времена инвалидска пензија им престанува правото на времена инвалидска пензија. Комисијата за оцена на работна способност, врши контролен преглед на корисникот на времена инвалидска пензија и врз основа на медицинската документација изготвува наод, оцена и мислење со кое се констатира дека кај корисникот не постои инвалидност односно неспособност за работа- велат во Фондот.

Од таму објасуваат дека во врска сo член 130 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во наодот, оцената и мислењето врз основа на кои е утврдена инвалидност, односно неспособност за работа врз основа на која се стекнува со право на инвалидска пензија, се утврдува и обврска за задолжителен контролен преглед (ЗКП). Тој се врши во рок не пократок од една година од денот на утврдената инвалидност. Контролниот преглед може да се врши најмногу два пати до навршување на 65 години живот на корисникот на пензија. До донесување на решение по извршениот задолжителен контролен преглед, на осигуреникот му се исплатува времена инвалидска пензија.

Согласно член 134 став 1 од Законот на пензиско и инвалидско осигурување, против решението донесено во прв степен во Фондот, подносителот на барањето има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Жалбата не го одложува извршувањето на решението, освен ако со жалбата се оспорува оцената на утврдување на инвалидноста. Исплатата на пензијата се исплаќа се додека трае постапката по жалба– велат од Фондот.

Извор:Лидер

Коментирај