Фејсбук воведува систем за означување на лажни вести во Германија

0
305

Социјалната мрежа Фејсбук на барање на германските власти во наредниве денови ќе воведе систем за проверка на факти во медиумите и ќе означува лажни вести кои што според разузнавачките агенции треба да се засилат пред изборите во септември, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Системот кој го воведува најголемата социјална мрежа, треба да ги филтрира лажните вести, како онаа од десетина дена според која бегалци ја запалиле најстарата германска црква. Оваа вест која беше оригинално објавена во германски неонацистички блог, подоцна беше пренесена од западен крајно десничарски медиум, по што стана доминатна вест на социјалните мрежи.

Со помош на новиот софтвер, подготвен од Фејсбук, корисниците ќе можат да пријават приказна како лажна по што таа автоматски ќе биде испратена до „Коректив“ систем за проверка на факти, кој што е менаџиран од трета страна која нема врска во германските институции или Фејсбук. Доколку системот за проверка утврди дека се работи за лажна вест, Фејсбук ќе ја означи како таква и сите коишто сакаат да ја прошират ќе бидат информирани дека се работи за вест којашто не е точна.

Во интервју за неделното издание на весникот „Велт“ министерот за правда Хајко Мас вели дека лажните вести можат да ја загрозат културата на политичката дебата и да играат значајна улога во изборната кампања.

„Социјалните мрежи имаат должности. Не може да биде во интерес на Фејсбук нивната платформа да биде злоупотребена со цел да се шират лаги и говор на омраза. Криминалните содржини мора да бидат веднаш тргнати, а за корисниците мора да биде полесно да известат за лажните вести“, вели германскиот министер кој најави дека Фејсбук ќе мора да плати до 500 илјади евра за секоја лажна вест која што нема да биде тргната од мрежата, а во одредени екстремни случаи одговорните се соочуваат со затворска казна од 5 години.

Претставник на компанијата Фејсбук за германските медиуми изјавил дека тие разговараат со германските медиуми и издавачки куќи со цел да добијат повеќе партнери во напорот да спречат дезинформирање на јавноста. Според Фејсбук сега фокусот на операцијата е Германија но наското сервисот ќе може да се користи и во други земји.

Германските власти се убедени дека голем дел од лажните вести кои што се пласираат на социјалните мрежи според разузнавачите од Германија и САД се организирани од Русија, која ги негира обвинувањата.

Коментирај