Фаворитот за претседател на Републиканците Џим Бенкс лобира за Македонија

0
226

Со писмо до првиот човек на алијансата, Јенс Столтенберг, 11 американски конгресмени, побараа земјава да добие покана за полноправно членство во НАТО.

Групата лобисти за Македонија, е предводена од конгресменот од Индијана Џим Бенкс. Во писмото до Столтенберг се вели дека членството на Македонија во НАТО е клучно и за алијансата и за американските интереси на Балканот, а дека таквата подготвеност ја демонстрирала со учеството во НАТО операциите во Косово и Авганистан.

– За една мултикултурна нација каква што е Македонија, веруваме дека пред себе има светла иднина, врз кој основ се стремиме кон ангажирање на владините институции и македонскиот народ во реализација на своите потенцијали. Ние веруваме дека е време за Македонија да се приклучи кон членството на НАТО, се наведува во писмото.

Мето Коловски Претседател на ОМД вели дека ваквите писма се многу важни за перспективите на Македонија, а дека конгресменот Џим Бенкс е меѓу кандидатите за лидер на Републиканската партија.

Иницијативата следи непосредно по изјавите на Коѕијас дека спорот за името не може да се реши до НАТО самитот во јули и дека земјава не може да добие таканаречена привремена интеграција на земјава додека се решава спорот. Премиерот Заев вчера повторно изрази оптимизам дека сепак се дофатливи роковите до јуни и јули да се постигне решение на спорот. Вели дека Македонија има план „Б“, но оти не размислува на него, зашто требало да се искористи големиот исчекор во преговорите со Атина.

– Би сакал да постигнеме решение дури и до самитот на ЕУ за Западен Балкан. Тоа е 17 и 18 мај, но поважно е да постигнеме решение. Ве уверувам дека движејќи се до она што ни е важно, а тоа е да се сочува достоинството и идентитетот и на нашата и на грчката страна, ќе се обидеме да го постигнеме решението што на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со ЕУ, рече Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија.

Колку е реален ваквиот оптимизам ќе биде појасно вечерва и утре, за време на квадрилатералниот состанок во Солун, каде учествуваат министрите Димитров и Коѕијас. Се уште нема потврда дали ќе имаат и билатерална средба.

Извор: Лидер

Коментирај