ЕЛЕМ реагирта на манипулациите: СДСМ не знае што е оптимизација на домашното производство

0
315

СДСМ продолжува да манифестира елементарно непознавање за функционирањето на електро-енергетскиот систем и манипулира за состојбата на производните капацитети, порачува АД ЕЛЕМ во пишана реакција на денешната прес-конференција на СДСМ на која партијата го обвини раководството на ЕЛЕМ за прекумерно искористување на водите на Охридско и на Тиквешкото Езеро.

– Опозицијата брзајќи од секоја активност во електроенергетиката да прави медиумска сензација, докажува дека не знае што е оптимизација на производството, па пласира тези што немаат никаква врска со реалните состојби и управувањето со постојните домашни електроцентрали. Во обид да се прикажат како совесни еколози, критикуваат за нискиот водостојот на Охридското Езеро и на вештачката акумулација Тиквеш, а истовремено негодуваат дека била исклучена термоелектраната Осломеј, се вели во реакцијата на ЕЛЕМ.

Се нагласува дека не е точно оти ТЕЦ Осломеј откажала, ниту, пак, електраната е исклучена поради дефект.

– Овој капацитет во изминатиот период на зголемен потрошувачки конзум и потреба од електрична енергија во целост одговори на потребите на тарифните потрошувачи. Основна причина зошто капацитетот е надвор од електроенергетскиот систем е намалената потрошувачка на електрична енергија. Со опаѓање на конзумот, и со реоптимизација на електраните донесена е одлука тој да се исклучи, затоа што целосните потреби од електрична енергија од почетокот на месецов, АД ЕЛЕМ во целост ги обезбедува од домашното производство и без потреба од увоз. Истовремено, во услови кога без овој термокапацитет во целост се одговара на потребите на потрошувачите, компанијата избегнува дополнителни трошоци со оглед на тоа што специфичната производна цена на ТЕЦ Осломеј надминува 100 евра за мегаватчас, се посочува во реакцијата од ЕЛЕМ.

Во однос на водостојот на Тиквешкото Езеро, се додава, станува збор за уште една груба манипулација за негово празнење, затоа што поради сушниот период, оваа електрана не се користеше за потребите на електроенергетскиот систем според планот во енергетскиот биланс.

– Не е точно дека акумулацијата е на минимално ниво, туку согласно денешните податоци, таа е на пет метри од минималната работна кота. АД ЕЛЕМ ниту дозволил, ниту ќе дозволи нивото да се спушти под минималната работна кота. Напротив, оваа акумулација последните денови се полни со огромен интензитет поради забрзаното топење на снегот и огромните дотеци од Црна Река. Само во текот на вчерашниот ден водостојот во тиквешката акумулација е пораснат за еден метар, а според досегашните информации, таквиот тренд продолжува и во текот на денешниот ден поради капацитетот на сливното подрачје и порастот на водостојот на реката Црна, се прецизира вореакцијата од ЕЛЕМ.

Поради високите температури, топењето на снегот, но и како резултат на последните врнежи од дожд, се потенцира, оваа акумулација и понатаму забрзано ќе се полни.

– Како и секоја година, особено кога имаме врнежи од снег, обврска на АД ЕЛЕМ е да го одржува водостојот на Тиквешката акумулација на безбедна кота со цел да се обезбеди доволно простор во акумулацијата за прием на очекуваните дотеци. Доколку во овој период тиквешката акумулација се одржува на висок водостој во опасност ќе бидат доведени обработливите земјоделски површини по течението на река Црна поради можноста од преливање. Уште еден доказ дека наводите на СДСМ не кореспондираат со вистината дека недомаќински се трошела водата за производство на електрична енергија е тоа што од почетокот на годинава, кумулативно, хидроелектраната Тиквеш испорачала над 27 отсто помалку енергија во однос на предвидената во енергетскиот биланс за тој период, се нагласува во реакцијата од ЕЛЕМ.

Од ЕЛЕМ повторуваат дека го прилагодуваат испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според котата на езерото, а во согласност со референтните податоци на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ „Глобочица“.

– Од крајот на јануари на сила на неодредено време е воспоставениот режим на биолошки минимум што подразбира испуст од 3,5 метри кубни во секунда што мора да се обезбеди за одржување на биодиверзитетот по течението на реката Црн Дрим. Во тој контекст, во целост ги отфрламе политичките наводи дека не се преземаат мерки за зголемување на водостојот на езерото. Согласно референтните податоци на УХМР, поради превземените мерки, но и поради зголемените дотеци во последните неколку дена, водостојот на Охридското Езеро е зголемен за четири сантиметри. АД ЕЛЕМ преку својата подружница ХЕС „Црн Дрим“ и понатаму ќе ги презема сите расположливи мерки во насока на зголемување на понатамошно зголемување на водостојот на Охридското Езеро, се вели во реакцијата од ЕЛЕМ и се додава дека увозот што компанијата го вршеше во јануари не е повеќе од 6 милиони евра како што тврди опозицијата, туку изнесува точно 5,6 милиони евра и тој нема да влијае на зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малото стопанство.

Коментирај