Дурловски повикува на општество за секого наместо едно „опш_ество“ за сите

0
656

Оперскиот пејач Игор Дурловски ја објаснува својата одлука да се приклучи на тимот на ВМРО-ДПМНЕ и на неговиот лидер Христијан Мицкоски како стратешки соработник во областа на културата.

„Секој што ќе каже дека борбата во моменталната ситуација и поставеност на силите треба да се одвива на поинаков начин освен здружено и заедно – свесно или несвесно ве носи во заблуда. Секој кој ќе повика дека ‘сите се исти’, ќе помогне тие да владеат со секого од нас поединечно, разделени и немоќни за каков било отпор; ‘едно опш_ество’ за сите, како да сме сите исти, како да сме статистика која можат да ја штимаат како извештаите за ‘напредок’, зашеметени, уплашени и како што тие би сакале да нè видат на крај – подеднакво сиромашни, подеднакво немоќни, чипирани да прифатиме сè што фабриката на вести ќе ни сервира…

Приклучувајќи се во тимот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како стратешки соработник во областа на културата, повикувам на општество за секого. Општество на млади луѓе кои си ја сакаат татковината, општество со култура, мир, разбирање, почитување и правда, за општество каде индивидуалните способности на младите, искуството и знаењето на возрасните, трудот на лојалните работници ќе се вреднуваат согласно нивните квалитети и посветеност.

Ако сакаме да одиме напред, мора да се фатиме за раце. Симболот на #Македонците, нашето оро се игра фатени за раце, не оди брзо, три чекори напред, два чекори назад, повторно напред и повторно назад… И во тоа оро ќе има и други, кои работат да не успее, да се растури… но со посветеност, искрена радост, љубов и огромно знаење на техниката, нашето #Македонско оро ќе се игра долго, ќе се игра со љубов, ќе стане возвишена игра која можат да ја гледаат со лиги и завист“, порача преку Фејсбук еден од лидерите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Коментирај