ДУИ СЕ ПИШМАНИ: Без договор со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети не сака седница за избор на претседател на Собрание

0
993

Иако се очекуваше тоа да се случи до крајот на неделата, партиите по сѐ изгледа нема да избрзуваат со седницата на која е предвидено да се избере собраниски спикер. Нејасната политичка ситуација и можноста состојбата да излезе од контрола го пишмани лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дали воопшто да се започне постапката за закажување собраниска седница за избор на претседател.

Она што го загрижува Ахмети е дали новиот претседател, кој треба да биде избран со 61 глас, ќе ја добие поддршката од останатите партии на Албанците. СДСМ и ДУИ заедно имаат 59 мандати, што значи дека ќе им треба поддршка од уште најмалку двајца пратеници од „Алијансата за Албанците“ и од Беса. Ако се знае дека ДУИ и Беса важат партии кои не се во добри односи, логично е поддршката за претседател да дојде од партијата на Зијадин Села.

Друго отворено прашање е дали за Беса и за „Алијансата на Албанците“, Талат Џафери е прифатлив избор бидејќи ДУИ токму него го токми за нов претседател на Собранието.

Ахмети за РТВ 21 рече дека досега нема никаков знак дека Собранието може да биде свикано, но според него се прават напори за тоа.

„Без вистински договор меѓу страните кои се претставници на мнозинските заедници, СДСМ, ВМРО, ДУИ и останатите партии ние не можеме да правиме експерименти како во театар, да одиме во собрание без претходен договор. Да не одиме во собранието за да се видиме еден со друг и да си размениме неколку пцости и навреди, туку да одржиме седница каде што ќе се избере комисија за назначување и да се избере претседателот на парламентот“, изјави Али Ахмети.

Што се однесува до недоделувањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, Ахмети рече дека само ВМРО-ДПМНЕ и никој друг не може да влијае да се реши, како што рече, создадениот политички јаз. Ахмети, исто така, спомна дека барањето на Беса, албанскиот премиер Еди Рама да го прифати авторството на заедничката платформа е максимално употребена од страна на Иванов и Никола Груевски.

Коментирај