ДУИ ги анализира опциите: Ахмети ќе пресече, одлуката ќе биде во „консултација со меѓународните пријатели“

0
707

Централното претседателство на ДУИ вчера во Мала Речица решаваше со какви позиции ќе настапи во преговорите за новата влада, во очекување нивниот лидер Али Ахмети и официјално да добие покана од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Никола Груевски за средба.

Интегративците ќе премеруваат која од опциите – коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, техничка влада, ДУИ во опозиција или нови избори – ќе биде најдобра за партијата.

Воедно анализата на интегративците ќе биде и за тоа која од можните опции ќе им нанесе најмала штета, особено во пресрет на локалните избори во мај годинава, а во ситуација кога ДУИ е клучот дали Македонија ќе добие влада по изборите на 11 декември.

– Kај некои членови на ДУИ и кај членовите на Централното претседателство преовладува отпор за повторно владино партнерство со ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски и други високи функционери опфатени во истрагите на СЈО. Но, ова не значи дека одлуката ќе биде да не влегуваме во влада со ВМРО-ДПМНЕ. Во ДУИ на крајот секогаш пресекува лидерот Ахмети – вели член на Претседателството на ДУИ.

Во ДУИ немаат одговор за тоа како тогаш би правеле влада со СДСМ, бидејќи додека Груевски е осомничен, Заев е обвинет во најмалку два случаја пред Јавното обвинителство на РМ, „Пуч“ и „Поткуп“. Ако го применуваат тој принцип, им останува во секој случај да бидат надвор од владата или да бараат нови избори, што не би им го решило проблемот бидејќи и на новите избори Груевски и Заев би ги предводеле своите партии. Исто така немаат одговор ни за тоа како тогаш Ахмети можеше своевремено да влегува во Владата на РМ и партијата да застане зад тоа кога беше обвинет пред македонските судови за воени злосторства.

Нашиот соговорник додава дека за секоја од опциите што се на маса ќе се дебатира кои се придобивките, но и последиците и за партијата, албанскиот електорат и за државата.

– Особено голем отпор за влада со ВМРО-ДПМНЕ има од градоначалниците, бидејќи во мај се локалните избори. Стравувањата се дека ДУИ на локалните ќе доживее целосен крах и фијаско и ќе изгуби повеќе од половина општини ако ја продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на парламентарните избори завршивме со преполовена доверба – вели функционерот на ДУИ.

Ова значи дека Ахмети е на тешки маки за која од опциите да се определи, ако се знае дека најблиските соработници на лидерот, односно сите потпретседатели на партијата Теута Арифи, Изет Меџити, Невзат Бејта и Садула Дураку се и градоначалници. Ако ним им се приклучи и организацискиот секретар и партискиот бунтовник Хазби Лика, јасно е дека најтесното партиско раководство на ДУИ е меѓу функционерите што се противат на коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од друга страна, Теута Арифи одамна влече кон СДСМ, за Невзат Бејта неодамна се изјасни Груевски во интервјуто за „Дневник“, а за отпорот на градоначалникот на Чаир постојат други шпекулации.

За влада со ВМРО-ДПМНЕ натежнува фактот дека владејачкото мислење во партијата е оти коалиција на ДУИ и Алијансата за Албанците со СДСМ ќе биде со краток рок. Аргументите за ова се дека ако ВМРО-ДПМНЕ биде опозиција, ќе ги користи сите демократски мерки да ја опструира и блокира работата на Собранието, а тоа ќе значи дека голем дел од барањата од албанската платформа не ќе може да добијат законска рамка, бидејќи ќе нема двотретинско мнозинство. Аргумент во корист на влада со ВМРО-ДПМНЕ е и дека ДУИ тогаш нема да го прекрши принципот што сама го наметна – победниците да прават влада.

– Тешка ќе биде одлуката и ако решиме да одиме со ВМРО-ДПМНЕ, но и ако одлучиме да не коалицираме со партијата на Груевски – вели функционер на ДУИ.

Дека функционерите на Централното претседателство се меѓу два огна, потврда се позициите оти ДУИ, пред с`, треба да мисли на партиските интереси и, од друга страна, дека станува збор за одлука за процеси што се подолгорочни и покомплицирани.

Во секој случај, според соговорниците од ДУИ, одлуката што ќе ја донесе Ахмети ќе биде во консултации, како што велат, со меѓународните пријатели.

Партискиот портпарол, Бујар Османи, вчера потврди дека Централното претседателство разгледува пет опции за можно коалицирање во наредниот период. Тој истакна дека ДУИ нема стратешки партнер и оти се разгледуваат сите опции.

– ДУИ почна процес на сеопфатна анализа на можните опции за коалицирање во наредниот период. Ги спомнавме сите пет опции што се денес на маса на Централното претседателство, за кои детаљно се разговара за сите аргументи за и против и за краткорочните и долгорочните ефекти. Анализите се без емоции, без преференции, ДУИ нема стратешки партнер, ДУИ нема префериран партнер. Сериозно ги разгледуваме сите аргументи – изјави Османи.

Од партијата велат дека преговорите со мандатарот ќе почнат откако ДУИ ќе заврши со анализите на опциите и оти ќе има повеќе состаноци на Централното претседателство.

Извор: Дневник

Коментирај