Дронови со патници ќе почнат да летаат во Дубаи (видео)

0
661

Во Дубаи навистина нема нешто што нема. Само помислете, и ако тоа не постои, Арапите ќе се погрижат да го има веќе следниот пат кога ќе ги посетите. Еден од тие новитети е дрон за превоз на патници. Заборавете го таксито и појдете на работа со дрон.

Градот има план овие дронови да почнат да функционираат веќе од јули оваа година, бидејќи прототипите се готови и во завршна фаза на производство.

На неодамнешниот Светски владин самит кој се одржа во Дубаи, Мат ал-Тајер, првиот човек на Агенцијата за патишта и транспорт, истакна дека кинескиот дизајн на дронот eHang е подготвен и дека веќе се вршат тест летања низ Дубаи. Според него, дронот може да превезе човек тежок до 100 килограми.

Според видеото презентирано на конференцијата, автономното воздушно возило може да лета до 30 минути со брзина до максимум 160 километри на час со само едно полнење на батеријата.

Во самиот дрон нема контролни копчиња, туку тој е управуван од надворешен команден центар. Патникот само влегува во дронот и ја запишува посакуваната дестинација, а остататиот дел од патот се случува автоматски.

Според ал-Тајер ова не е само модел, туку прототоип кој за неколку месеци ќе почне да се користи во секојдневниот живот. Неговото производство ќе чини помеѓу 200.000 и 300.000 долари за еден дрон.

Експертите, од друга страна, се загрижени за тоа колку се навистина безбедни овие дронови.

Се чини дека ќе дознаеме за само неколку месеци бидејќи иднината ни се случува сега, пред очи. Дотогаш, погледнете го видеото и обидете се да замислите како ќе изгледа тоа…

Извор: www.hybread.mk

Коментирај