И Дојран ќе добие Музеј на вода

0
648

Археолошките истражувања кои беа спроведени пред три години во Дојран покажаа дека првото наколно живеалиште во Дојранското Езеро било на локалитетот Мрдаја, односно на најјужната точка од езерото и датира од преодниот период од бронзената и железната епоха. Изградбата на наколната населба ќе значи и збогатување на туристичката понуда на Дојран.

После Охрид и Дојран ќе добие музеј на вода. Проектот ќе биде базиран на археолошките истражувања спроведени во периодот од 2012 до 2014 година кога археолозите добија сознанија и одредени елементи кои укажуваат на постоење на наколна населба и на ова подрачје.

Според најавите од Завод и Музеј Струмица кој ги водеше истражувањата, оваа година со поддршка на министерството за култура ќе се изработува проектот за наколната населба , а веќе следната треба да започне и нејзината изградба. Планот е наколната населба да биде лоцирана во Стар Дојран на потегот помеѓу градската и струмичката плажа каде што има можност да биде изграден и соодветен паркинг простор.

-Планот е да се направат четири објекти од праисториската епоха и еден објект мандра. Тоа е практично музеј на вода, односно поврзување на праисторијата со 20 век, односно на некој начин да ги претставиме сите оние активности кои што се битни за историјата на Дојран и Дојранското Езеро, вели Зоран Рујак, директор на Завод и Музеј Струмица.

Археолошките истражувања кои беа спроведени пред три години во Дојран покажаа дека првото наколно живеалиште во Дојранското езеро било на локалитетот Мрдаја, односно на најјужната точка од езерото и датира од преодниот период од бронзената и железната епоха.

Изградбата на наколната населба ќе значи и збогатување на туристичката понуда на Дојран и заедно со големиот број проекти кои беа реализирани во изминатите години ќе придонесе за привлекување на што повеќе туристи и зајакнување на локалниот економски развој.

Коментирај