Директор им позајмил пари на вработените за да си ги платат борчовите и одблокираат сметките

0
780

Ѓуро Хорват, директор на хрватската компанија Техникс во Долни Краљевац, им дал позајмица на работниците во фирмата од околу околу 34.000 евра, или поединечно од 5.000 (околу 680 евра) до 25.000 куни (околу 3.400 евра) за да си ги покријат долговите кои биле причина за блокирање на нивните сметки од банките.

Хорват вели дека им помогнал на работниците да си ги исплатат долговите, бидејќи кога од други фирми дошле во неговата компанија, поради блокирани сметки, не можел да им исплати плата.

„Му кажав на шефот за финансии да разговара со нив и да го реши проблемот. Ги тргнавме луѓето од банките со големи камати. На некои највредни работници им ја зголемивме платата, така што не чувствуваат дека отплаќаат рата. Тоа е едноставен модел, а на тој начин може да се спречи иселувањето од државата. Во Хрватска е најубаво, но доколку човек има плата од 3.000 (400 евра) или 4.000 куни (540 евра), тогаш е невозможно овде да живее“, вели Хорват.

Тој додава дека откако им ја зголемил платата, зголемена е и продуктивноста и квалитетот во компанијата, а со тоа и конкурентноста.

„Формулата е едноставна. Доколку работодавачот има малку морал, тоа мора да го препознае. Помагаме колку можеме. Воведовме 13-та плата, а со тоа ја зголемивме и продуктивноста. Не можете да направите успешна компанија без задоволни луѓе. Не можете да изработите квалитетен производ во кој не е вградено љубов и задоволство. А без добар стандард тоа го нема“, вели Хорват.

Тој на сите вработени им понудил и пет отсто поголема плата доколку не пушат. Според него, тој што пуши има помала продуктивност и поголема е можноста за повреда на работното место.

Исто така, платата на работниците кои ќе добијат дете им се зголемува за пет отсто.

Просечната плата во неговата компанија е околу 1.200 евра.

Извор: taratur.mk

Коментирај