Димовски: Македонија гласаше против криминалот, корупцијата, лагите и непотизмот на Зоран Заев и СДСМ

0
142

Новата реалност, после претседателските избори во Република Македонија, покажува дека власта нема простор за радост. Напротив, нивниот пад е се поочигледен, порачува Димитар Димовски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ е политичката партија со најголема доверба кај народот, а граѓаните покажаа дека бараат промени. Испратија јасна порака за нечесните и спротивни на националните интереси, политики на Заев и власта. Македонија гласаше против криминалот, корупцијата, лагите и непотизмот на Зоран Заев и СДСМ. Гласаше против наместените тендери, ароганцијата, нерешавањето на проблемите на граѓаните, против животот кој стана пекол.

Фактите говорат дека ВМРО-ДПМНЕ во услови на притисоци, поткупи, закани и уцени, вчера освои 60.000 гласови повеќе отколку во првиот круг од гласањето. ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од 380.000 илјади граѓани на Република Македонија. Храбри, чесни и честити луѓе, кои не се плашеа и не потклекнаа на сите можни притисоци. Граѓани кои јасно покажаа дека бараат право и правдина. Неприродниот раст на власта во гласови помеѓу првиот и вториот круг од изборите, не е последица на откровението на метлата на Заев, ниту вербата дека нешто ќе подобри. Не е резултат ниту на лажните започнувања на изградба на инфраструктурни проекти на Шилегов или другите градоначалници, кои демек еве сега помеѓу двата ктуга им текна за потребите на граѓаните. Не е резултат ниту на “елоквенцијата” на исфрустрираниот Костадинов или умислениот Кирацоски. Уште помалку е резултат на неспособните Филипче, Тевдовски или бизнисменот Анѓушев. Не е резултат ниту на модерната Рада или јаничарски поставениот Димитров. Туку, едноставно е резултат на пазар, на притисоци, уцени и закани. Инженеринг кој веќе сме го виделе претходно, на последните локални избори, а кој е спроведен од самата власт, врвот на полициските структури и нивните соработници. Власта ги злоупотреби сите институции, а особено полицијата, порачува тој.

Димовски истакнува: „Сведоци бевме на организирано носење на луѓе на гласање, на групно гласање, агитирање на самите избирачки места“.

-Се зборува и за поткуп на денот на гласање, но и претходно. Видовме како се вршат претреси на возила на семејстба кои се симпатизери или членови на ВМРО-ДПМНЕ, беа приведени дури и претседател на општински комитет и поранешен кандидат за пратеник на партијата, но и други нелегални дејствија. За овие и за сите други законски прекршувања ќе бидат поднесени кривични пријави. Одговорност мора да има и ќе има. Затоа што само со одговорност и правда еднаква за сите, можеме да одиме напред. Од мое лично име, но и од име на ВМРО-ДПМНЕ, Претседателот и иден премиер – Христијан Мицкоски, и исклучително почитуваната Проф. Гордана Силјановска Давкова, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои излегоа на гласање и во време на неправда, во време на психолошки и социјален терор, кое го наметнува власта, излегоа со крената глава и гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и за нашиот кандидат за Претседател на Република Македонија. Вие, добри и честити луѓе, сте хероите кои се одважија и покажаа дека Македонија им е најважна. На оние кои не гласаа за нас, и оние кои решија да останат дома од за нив познати причини, сакам да им се извинам доколку таа причина била или е некоја наша порано или сега направена грешка. Имаме почит кон сите вас и ве уверуваме дека времето ќе покаже дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор за секој чесен и добронамерен граѓанин на Република Македонија, порачува членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакнува дека допрва следува напорна работа.
-Со гордо крената глава ќе продолжиме таму каде што застанавме вчера. Имаме знаење, сила и мотивираност од Република Македонија да направиме држава во која достоинствено ќе се живее, во која секој ќе има еднакви можности да се реализира себе си, да си најде работа од која ќе биде задоволен и среќен. Држава во која правдата ќе важи подеднакво за сите и секој ќе одговара за направеното злодело. Држава во која младите ќе ја гледаат својата перспектива а возрасните ќе ги уживаат пензионерските денови. Држава во која економската, но и психолошката слобода ќе бидат на прво место. Држава во која судството и обвинителството ќе бидат навистина независни, а за преглед или интервенција во државните болници, нема да ви требаат врски. Држава во која ќе се врати почитта кон другиот и доблестите ќе се вреднуваат. Ќе направиме се за да ја оправдаме довербата на оние кои ни ја дадоа на овие избори, но и да ја добиеме на оние кои се колебаа, за следните парламентарни избори, порача Димитар Димовски.

Извор:Република

Коментирај