Димитров во офанзива, во СДСМ сè уште никој не се откажува од кандидатура за претседател

0
305

Сите четворица потенцијални кандидати за кандидат за претседател на државата остануваат во игра и покрај тоа што точно ги знаат сопствените можности за победа.

Никој од четворицата неформални кандидати на СДСМ, Радмила Шеќеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и Стево Пендаровски не се откажува од трката за претседател во интерес на единството на партијата која што се соочува со се полоши рејтинзи, конфликт со ДУИ и тивка борба меѓу кандидатите.

Откако вчера Никола Димитров во Брисел го потпиша пристапниот договор за НАТО и доби поени кај провладината јавност неговите ривали во трката за претседател, веднаш одговорија со прес конференции и постови на социјалните мрежи што покажува дека тие нема да се предадат без битка иако тој е главен фаворит на ЕУ и САД.

На останатите им е јасно дека Димитров кој е најпосакуваниот за западната меѓународна заедница според некои анкети има и највисок рејтинг но сепак не се откажуваат од шансата да станат шеф на државата.

Партиски извори тврдат дека до крајот на оваа недела Заев очекува најмалку двајца од кандидатите да се откажат јавно од трката за претседател.

Според извори блиски на еден од кандидатите на дел од партиските анкети во водство е Никола Димитров, веднаш до него е Стево Пендаровски, следува Радмила Шеќеринска а последен со речиси ист рејтинг како министерката за одбрана е Оливер Спасовски.

Според анкетите ниту еден од нив нема гаранции дека на фер избори може да победи доколку се спротивстави на професорката Гордана Силјановска Давкова која иако како натпартиски кандидат ќе биде поддржана од ВМРО-ДПМНЕ може да привлече огромен број неопределени и разочарани гласачи на СДСМ.

Тоа е причината зошто медиумите и новинарите под контрола на СДСМ започнаа со директни напади против професорката Силјановска индиректно поддржувајќи го Владимир Ѓорчев како кандидат на опозицијата, кој пак во таканаречените “head to head” споредби има полош рејтинг дури и од Спасовски.

Единствен кој има шанси да ја победи Силјановска е премиерот Заев кој иако јавно тврди дека нема да се кандидира сепак останува во игра како кандидат особено ако во наредниве 20 дена со популистчки мерки го подобри рејтингот.

Бришењето на 110 милионскиот долг на должниците за струја и одложувањето на Законот за пазари е дел од оваа операција која ако не успее ќе го остави во премиерскиот кабинет.

Доколку обидот на Заев успее тогаш во СДСМ истите луѓе кои сега се борат за претседателска номинација ќе започнат битка за челно место во Владата и партијата

Пораките од странците се ако Заев замине, владата треба да ја води Димитров а партискиот лидер да биде избран од членството во фер избори со цел да не се случи распад на партијата.

Извор: Expres.mk

Коментирај