Димитров, Коѕијас, Захариева и Бушати на средба во Солун

0
499

Во Солун вечерва почнува третата квадриталерална средба на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија. Теми на состанокот се: Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, предизвиците за регионот на Југоисточна Европа од состојбите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, последиците од движењето на бегалците и мигрантите кон Балканот и иднината на Европа.

Од Министерството за надворешни работи не прецизираат дали е превидена билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, на која би станало збор за спорот со името. Последната средба во рамки на преговарачкиот процес Димитров и Коѕијас ја имаа на 25 април во Виена, а на неа присуствуваше и медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

По последната рунда преговори изјава даде само Нимиц и нагласи дека двете страни останувата посветени на решавање на проблемот, без да презентираат детали од разговорот.

– Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.

Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.

Тој уште еднаш повтори дека Грција останува на ставот дека вистинско ерга омнес име треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата и оти за тоа е потребна промена на македонскиот Устав.

Премиерот Заев вели  дека верува дека може Македонија заедно со Грција да постигне решение пред одржување на Советот на министрите на ЕУ.

„Не сме далеку од решение, но можеме да бидеме и навистина далеку од решение. Би сакал да постигнеме решение дури и до самитот на ЕУ за Западен Балкан. Тоа е 17 и 18 мај, но поважно е да постигнеме решение. Ве уверувам дека движејќи се до она што ни е важно, а тоа е да се сочува достоинството и идентитетот и на нашата и на грчката страна, ќе се обидеме да го постигнеме решението што на Македонија ќе ѝ обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со ЕУ“, рече Заев

На средбата во Солун освен министрите за надворешни работи ќе учествуваат и министри и високи претставници од министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски од четирите земји.

Од другите теми во надлежност на ресорните институции ќе бидат опфатени и прашања во врска со прекуграничната соработка во областите на полициската, царинската заштита, интерконективноста и транспортното умрежување на регионот.

Коментирај