Џез-оркестар ќе свири музика од „Битлси“

0
536

Ова ќе биде нивно прво претставување пред македонската публика во ваков состав, и за оваа пригода специјално е повикан диригентот од Австрија, Сиги Феигл, кој предава на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац и веќе долги години работи со Биг Бенд состави низ Европа

Биг бендот, кој функционира во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници – ЗЏМ џез-оркестар, ќе одржи концерт на 26 ноември во Македонската опера и балет (МОБ) во Скопје во 20 часот. Настапот е под диригенство на австрискиот диригент и професор при Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, Сиги Феигл.

Концертот под наслов „ЗЏМ Џез оркестарот свири музика на Битлси“ вклучува изведби на композиции од познатата поп-група, овој пат преработени со џез- аранжмани. Композициите се во аранжман на Алан Бејлок, Мајк Кроти и Мајк Холобер, кои на музиката на најпопуларниот поп-рок бенд од 60-тите и 70-тите години, чијашто музика е антологиска и се слуша и денес, ѝ даваат еден поинаков и покомплексен призвук.

ЗЏМ Џез оркестарот, кој постои од формирањето на Здружението на џез музичари и слободни уметници, е составен од 17 релативно млади македонски џез музичари со веќе изградени кариери, кои повеќе години музицираат во земјава и надвор од неа, членувајќи во различни музички состави.

Ова ќе биде нивно прво претставување пред македонската публика во ваков состав, и за оваа прилика специјално е повикан диригентот од Австрија, Сиги Феигл, кој предава на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац и веќе долги години работи со Биг Бенд состави ширум Европа.

Концертот е во организација на Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје, организација која пред себе има задача да ги обедини љубителите на џез музиката – џез музичарите, слободните уметници, студентите од џез академиите, но и сите ентузијасти и помагатели на овој вид уметност со цел да се даде придонес во афирмацијата на македонската џез-музика преку унапредување на продукцијата и застапеноста на авторската џез музика создадена и изведувана од страна на македонски џез композитори и музичари. Здружението се занимава и со организирање на различни тематски џез-настани кои преку својата урбана димензија уште повеќе ќе ја доближат џез-културата до публиката, но и силно се залага за едукација на млади музички таленти и музички ентузијасти.

Коментирај