Џејсон Мико: Две години, десет години… уште колку до приемот на Македонија во НАТО и ЕУ?

0
134

На што и да се надевате, во животот нема гаранции. Ова особено важи за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ.

Да го тргнеме настрана искривоколчениот и, искрено, опасен договор Заев – Ципрас (или, поточно, „капитулацијата“) која, доколку се спроведе без отпор, може да ги уништи Македонија и, по одредено време, македонскиот идентитет. Но, ајде да го разгледаме следното сценарио: оваа капитулација да биде, на некој начин, спроведена, и како резултат на капитулацијата, Македонија да добие можно членство во НАТО и во ЕУ.

На 98-иот Рос Рот семинар на Парламентарното собрание на НАТО, одржан во Скопје на 27 јуни, таканаречениот спикер на македонското Собрание Талат Џафери рече дека е убеден дека договорот ќе биде целосно спроведен од двете страни и дека Македонија ќе стане 30-тата членка на НАТО во декември 2018 година или во почетокот на јануари 2019 година, јави Македонската информативна агенција.

Има само еден проблем со оваа изјава: ниту е точна, ниту е возможна.

Да го разгледаме процесот што треба да мине за една земја да стане полноправна членка на НАТО. Тој процес може да трае од 18 до 30 месеци, односно од една и пол до две години. Во врска со процесот, важно е цела Македонија да разбере дека штом ќе се упати покана за членство (во овој случај формална покана ќе биде упатена дури откако Македонија во целост ќе го спроведе капитулантскиот договор, односно ќе ги изврши сите промени на македонскиот Устав), НАТО тогаш ќе преговара за Протокол за членство со Македонија, а дури по неговото потпишување, почнува да чука часовникот. Во тој момент, сите 29 земји – членки на НАТО ќе мораат да го ратификуваат Протоколот низ своите интерни процедури (во најголем број случаи тоа значи дека Парламентот на таа земја мора да го одобри Протоколот; во случајот на САД, тоа треба да го стори Сенатот). Дури откако сите 29 членки ќе гласаат за приемот на Македонија, може да се каже дека Протоколот стапил на сила и Македонија е веќе полноправна членка на НАТО.

Во случајот на Црна Гора, за ова да се случи беа потребни 18 месеци, односно една и пол година. Дури и ако Македонија ја добие поканата, што може да се случи во декември 2018 година или во јануари 2019 година, полноправното членство не може да се случи пред средината на 2020 година, а најверојатно ќе биде подоцна. Но, ова е важниот дел: во овој временски рок, било која од 29-те членки на НАТО можат да побараат пшто и да посакаат од Македонија за да го ратификуваат договорот. Оттаму, ако Грција, Бугарија или Албанија, на пример, имаат било какви отворени прашања со Македонија, тие ќе имаат можност да бараат отстапки. Што ќе направи Владата на Заев во таков случај? Ќе капитулира, се разбира.

Понатаму, членството во ЕУ. На 26 јуни Европскиот Совет реши дека „Советот е согласен да одговори позитивно на погоре наведениот напредок од страна на поранешната Југословенска Република Македонија и да одреди пат кон отворање на преговори за членство во јуни 2019 година“ (страница 16 од документот, доколку ве мрзи да го барате сами). Ајде да ја разобличиме оваа вербална гимнастика. Македонија бара датум за отворање на преговорите со ЕУ од 2005 година; Грција, се разбира, го блокираше ова. Сега, по потпишувањето на капитулацијата, Грција рече дека нема веќе забелешки –сега за сега. Оттаму, ЕУ вели дека постои „пат кон отворање на преговори во јуни 2019 година“. ЕУ не вели дека тогаш ќе почнат преговорите, но постои патека кон тоа. Разликата меѓу датум за преговори и патека кон датумот е доволно широка за во неа да го собере Атланскиот Океан. Причината зошто се користи намерно збунувачки јазик е главно поврзана со внатрешните политики на ЕУ, но доволно е да кажеме дека Владат на Зоран Заев навистина многу се надеваше дека ќе добие вистински датум за преговори, а место тоа доби само некакви нејасни фрази со кои на Владата и на Македонија не им се ветува ништо. На Европскиот Совет на 28 јуни практично беше прифатен овој заклучок.

Дури и ако капитулантскиот договор биде имплементиран и Македонија добие датум за почеток на преговори по една година (ова е едно големо АКО), сепак пред нас остануваат 35 поглавја од акуи комунитер кои Македонија ќе мора да ги заврши, процес кој може да трае од седум до десет години – односно една декада. Секако, во текот на таа декада Грција ќе поставува се повеќе и повеќе барања од капитулантскиот договор, кој предвидува Македонија да се откаже од својот идентитет, историја, име и многу други работи. Ќе видите како Грција ќе бара натамошни промени во учебниците, мапите, наставните материјали, како ќе врши притисок врз приватни граѓани и компании да ја сменат својата определба или имиња и да ги отстранат зборовите „Македонија“ и „македонски“. Се сомневате во ова? Само погледнете наназад и присетете се на сите грчки барања упатени кон Македонија во изминатите две децении.

Но чекајте, има уште. Според најновите анкети, Нова Демократија води со 14,1 процентен поен пред СИРИЗА. Што значи дека НД ќе дојде на власт во Грција, за помалку од една година. Што ли ќе бидат барањата тогаш?

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај