Детски игри кои можете да ги практикувате во домот кога надвор е студено

0
140

Дојде зима, најнеомилениот период на родителите од едноставна причина што тоа е време кога дечињата ќе мора поголем дел од денот да го поминуваат дома. Тоа значи хиперактивност во 4 ѕида која ќе ги ‘полуди’ сите во домот.

Стручните лица препорачуваат што повеќе активности надвор, но тоа важи кога времето е убаво и нема загаденост, што не е случај во моментов.

Во овој период, идеални се игрите кои можете да ги практикувате во домот. Тоа е одличен начин да се развие креативноста кај децата, но и прилика возрасните да го ‘разбудат’ детето во себе.

Можете да набавите фломастери (ако случајно немате), мрсни и темперни бои, блок за цртање и да почнете да креирате. Обезбедете го просторот во собата со платна и слично, за да не остане боја по ѕидовите и подот. Правете фигури со рацете, отпечатоци од дланките, соблечете се боси и направете отпечатоци со нозете. Ќе уживате и вие и децата.

Колаж во многу бои, ножици, селотејп или лепак и почнете да правите фигури од хартија. Сечете ги, лепете ги, цртајте по нив и уживајте. Направете сами стикери и најдете им место за лепење – дали ќе биде тоа тетратка, сликовница или боенка не е важно.

Со пластелин имате неограничена слобода и креативност. Набавете калапи и правете фигури, правете мали снешковци во разни бои, животни, растенија…

Правете колачиња од тесто во кујната. Децата обожаваат тесто и сакаат да се чувствуваат корисни кога се со родителите.

Водени балони во бањата. Време е да ја наполните кадата или коритото, да надуете балони и да им ги дадете на децата да си играат. Водените игри во бањата ќе ги расположат, а воедно и ќе им потрошат дел од енергијата.

Уште една од работите кои сакаат да ги прават е да бојат на стакло. Бојте на чаши, цртајте по нив, искористете ги темперните бои и препуштете се на нивната креативност.

Измислете нов јазик кој ќе го разберете само вие. Запишете ги буквите и симболите. Тоа ќе биде ваша мала тајна.

Нацртајте на еден лист точки и нека бидат во неколку различни бои. Вашето дете потоа нека ги спојува по боја. Одличен начин за учење на боите и развивање на перцепијата.

Која игра и да ја изберете, ќе биде корисна за детето. Ќе научи нешто ново, ќе го развива мозокот преку игра, а вие ќе уживате во времето поминато со него.

 www.hybread.mk

Коментирај